Линотопска школа — уметничка школа која се развила во периодот од XVI до XIX век во влашкото село Линотопи, Егејска Македонија, уништено во 1769 г. од албански разбојници. Линотопските мајстори биле истакнати зографи, иконописци, златари, резбари (теладури) и гравери.
Историја
XVI век Првото спомeнување на мајстор од Линотопи е во зографскиот натпис во црквата „Св. Димитриј“ во Палатица, Берско од 1570 г. Според натписот, фреските се дело на зограф „Никола Зограф од село Линотопи“ („Νικολάου Ζωγράφου εκ τόπου Λινοτόπι“).
Во 1589 г. зографите Михаил и неговиот син Константин (Коста) го живописале манастирот „Рождество на пресв. Богородица Фотму“ во Етолија. Во 1599 г. Михаил Зограф и неговиот помошник Никола заедно ги изработиле фреските на манастирот „Успение на пресв. Богородица Макриалекси“ во с. Долно Лавдани, Погон.
XVII век лево|мини|Фреска на непознат светец од манастирот „Св. Преображение“ во Дреново, Никола Линотопски, 1652 г. Фреските во црквата „Св. Захариј“ во грамошкото село Загар, датирани од крајот на XVI – почетокот на ΧVII век, се припишуваат на линотопски зографи. Иако непотпишани, во стилот на Линотопската школа се живописите во: „Вознесение Христово“ во Ново Село, Штип (1610); „Успение на пресв. Богородица“ во Зервати, Дропул (1605/6); „Св. Никола“ во Литоњавишта, Коничко (1620–1622/3); „Св. Архангели Позерски“ во гр. Костур (1622); Патерскиот манастир во Зица, Јанинско (1631) и манастирот „Пресв. Богородица Неволјанска“ (1638/9) во Неволјани, Тесалија, веројатно дело на Никола Зограф.
Живописот на Домовишкиот манастир „Св. Петка“ во Населичко, кој потекнува од почетокот на XVII век, е исто така дело на линотопски зографи.
Во 1617 г. зографот Михаил ја насликал црквата „Св. Илија“ во селото Георгуцати и манастирската црква „Св. Благовештение“ во Ваништа, обете во денешна Албанија. Во 1618–1619 г. Михаил и Константин го живописале храмот „Св. Никола“ во Везица, Загорско, каде што се потпишале: „од рацете на Михаил Зограф и син му Константин од село Линотопи“. Во 1619–1620 г. истите мајстори работеле во црквата „Св. Мина“ во с. Горна Везица, а во 1626 г. Михаил го насликал католиконот на манастирот „Св. Преображение“ во Чатишта, Северен Епир. мини|Икона на Богородица со Христос од црквата „Успение на пресв. Богородица“ во Журче, прва половина на XVII век, веројатно дело на Линотопската школа Околу 1627 г. Јон Зограф ја живописал црквата „Св. Атанасиј“ во прилепското село Рилево, според зографскиот натпис во храмот. Му се припишуваат, уште, живописот во тремот на Журчевскиот манастир (1622) и Страшниот суд на западниот ѕид од главната црква на Зрзескиот манастир (1624/1625).
Во текот на XVII век, мајстори на Линотопската школа работеле по црквите низ Пелагонија и Преспа. Ристо Палигора им ги припишува иконите и царските двери во „Св. Атанасиј“ во Долно Дупени, Преспанско, но и во црквите „Св. Димитриј“ во Буково, „Св. Димитриј“ во Средно Егри и „Св. Петка“ во Орехово, Битолско. Како нивни дела ги посочува и престолните икони на Христос и Богородица од црквата „Успение на пресв. Богородица“ во селото Журче, датирани од првата половина на XVII век. Напоредно, овие мајстори ги насликале храмовите „Св. Димитриј“ во Жван и „Св. Јован Богослов“ (1627) во Слепче, Демирхисарско, „Св. Архангел Михаил“ во Асамати (1636), „Св. Никола“ во Белушино, Крушевско (1671/1672), манастирот „Св. Никола“ во Чагор и Слепченскиот манастир (1637–1638). Поради стилски сличности, Викторија Поповска-Коробар ги поврзува уште иконите „Вознесението Илиево“ и „Св. Теодор Тирон и Теодор Стратилат“ од црквата „Вознесение Христово“ во Праведник (1625), како и живописите во „Св. Никола“ во с. Зрзе и „Рождество на пресв. Богородица“ (1625–1635) во Костинци, Прилепско, со Линотопската школа.
Во 1630 г. линотопски мајстори ги изработиле фреските во Серскиот манастир „Св. Јован Претеча“. Таа година, зографот Михаил ја насликал црквата „Св. Никола“ во Саракиништа, заедно со своите помошници Константин и Никола. Истиот зограф подоцна го живописал тамошниот Спилејски манастир „Рождество на пресв. Богородица“ во 1634 г. Во 1632 г. Никола самостојно работел на храмот „Св. Никола“ во Мелани, Преметско. Во периодот 1632–1646 г. линотопски зографи го насликале манастирот „Св. Илија“ во тесалиското гратче Трново. Зографот Константин изработил дел од иконостасот во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во селото Кукули, Загорско во 1636 година, каде оставил свој потпис. Во 1639 г. Никола ја живописал црквата „Св. Никола Томанов“ во Костур. Помеѓу 1645–1646 г. Никола и Теолог заедно ги изработиле фреските во манастирот „Св. Атанасиј“ во Загора, а во 1646 г. зографот Константин работел на црквата „Успение на пресв. Богородица“ во селото Червари во Загори. Двете конхи во манастирската црква „Успение на пресв. Богородица“ во селото Спилио, Гребенско ги живописале линотопските зографи Никола и Јован во 1650 г.
Непотпишана икона на Св. Димитриј (1636/1637) и царски двери со сцената „Благовештение“, дела на линотопски зографи, денес се чуваат во Етнографскиот музеј во селото Лехово, Леринско. Тие првобитно се наоѓале во старата селска црква „Св. Петка“, а подоцна се нашле во обновената истоимена црква (1916) и оттаму биле отстранети во 1976 г.
Манастирот „Св. Преображение“ кај населичкото село Дреново е насликан во 1652 г. од зографот Никола. Во 1656 г. Константин, син на Михаил, и неговиот помошник Никола го живописале манастирот „Св. Илија“ во Стегопул, Албанија. Според ктиторскиот натпис на манастирот „Успение на пресв. Богородица“ во селото Жерма, Епир, Јоанис Николау го подигнал, а браќата Никола и Георги од Линотопи го живописале во 1656 г.
Според Јоанис Сисиу, вториот живописен слој (1663) од црквата „Св. Никола Теологин“ во Костур е дело на непознати линотопски зографи.
XVIII век Димитар, син на Никола Зограф, ја живописал црквата „Св. Атанасиј“ во Ланга на планината Мокра (денес во Албанија), за време на епископот Арсениј Вако (8 август 1685 – 16 јули 1714).
Зачувани се многу примери на сребрени предмети, дрворези и бакарни гравури од линотопски мајстори од XVIII век. Неколку дела од школата порано се наоѓале во Кушничкиот манастир — изгубената сребрена опкова на иконата „Пресв. Богородица Пештерна“ од 1765 г.; патера за света вода од 1779 година, позлатен сребрен кивор од 1788 г. и иконата „Богородица Патеводителка“ од 1789 година, дело на златарот Георги Писка. Овие предмети денес се изложени во Националниот историски музеј (НИМ) во Софија, откако манастирот двапати бил ограбен од Бугарската војска во Првата (1916–1918) и Втората светска војна (1941–1944).Линотопските мајстори-копаничари го изработиле прекрасниот резбан иконостас на манастирот „Св. Висарион Дусику“ во Трикалско, Тесалија во 1767 г. Нивни дела се и царските двери и веројатно иконостасот на црквата „Св. Никола“ во Молишта, Мајсторско (позлатен во 1782 г. од Константин), дел од иконостасот на Големиот Метеор (1791) и две бакарни гравури од 1763 г. во Хиландарскиот манастир.
Во 1772 г. Константин Ктипа го позлатил иконостасот на Клисурскиот манастир во Костурско, за време на игуменството на јеромонахот Пајсиј. Истиот јеромонах во 1776 г. ги платил мајсторите Михаил и Рафаил од Линотопи да изработат кивор за манастирот. Во десниот проскинитар на црквата „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во Нестрам има исклучлително вредна икона на Богородица од 1780 година, дело на зограф од Линотопи со дарителски натпис на линотопското семејство Димитриу.
XIX век Линотопските мајстори и градители продолжиле да работат по џамии и бегови куќи во XIX век.
Галерија
Поврзано
Линотопи
Наводи
Надворешни врски