Чуваркуќеста каменоломка () — вид тревесто растение од родот каменоломка во семејството на каменоломките (Saxifragaceae). Видот за првпат е опишан од германскиот ботаничар Карл Кох.

Опис и распространетост Ова е повеќегодишно растение со повеќе розети во основата, кои често создаваат перничеста форма од густо збиени розети. Цветното стебло е високо 8–15 см, неразгрането, пурпурно-црвено по површината и густо покриено со розови до пурпурни жлездести влакна. Розетите имаат пречник од 15–20 мм. Листовите на розетата се сиво-зелени, тесно копјести, долги 8–16 мм и широки 1–3 мм, со заострен врв, плоскати, раб тесно хиалински, со 9–15 хидатоди, малку стеснети кон основата, глатки по рабовите и најшироки во горниот дел. Листовите на стеблото се линејно-копјести, врвот постепено се заострува, горната половина е сиво-зелена и без влакна, а долната пурпурно-црвена со густи жлездести влакна. Цветовите, 10–20 на број, со многу кратки дршки, речиси приседнати, се собрани во класовидно-гроздесто соцветие. Чашката е широко ѕвонеста, пурпурна, со жлездести влакна по целата површина, долга околу 5 мм. Ливчињата на чашката се долги 2,5–3 мм, елиптично-копјести, заострени на врвот, кој е свиткан нанадвор. Венечните ливчиња се пурпурни, долги 2–2,5 мм, јајцевидно-копјести, со клиновидна основа, најшироки во горниот дел (1–1,5 мм), неправилно назабени и пократки од чашкините. Прашниците се пократки од венечните ливчиња. Двете столпчиња се речиси еднакви по должина со прашниците. Плодникот е делумно потцветен. Плодната кутијка е топчеста.

Расте во пукнатини на варовнички карпи. Се среќава на Јакупица, Шар Планина, Бистра, Караџица и клисурата на реката Треска. Варијабилност Saxifraga sempervivum f. sempervivum - Листовите се широки 1,5–3 мм, горе заоблени и со остро врвче.Се среќава на Јакупица (Солунска Глава), Караџица, Шар Планина, Бистра, Горна Радика, Јабланица и Прилепски Козјак. Saxifraga sempervivum f. stenophylla (Boiss.) Hayek, - Листовите се широки до 1,5 мм, долги 15–20 мм, врвот постепено се заострува. Забележана е во клисурата на реката Треска кај Матка и изворниот дел на реката Бабуна. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Каменоломка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа