Ѕвездеста каменоломка (, syn. Saxifraga stellaris) — вид цветно тревесто растение од родот малоцветни каменоломки (Micranthes) во семејството на каменоломките (Saxifragaceae). Често се среќава во планинските и арктичките области на северна Европа, а го има и во планинските предели на централна Европа. Порано му припаѓал на родот Saxifraga.

Опис и распространетост Ова е повеќегодишно растение со хоризонтален ризом кое во основата има повеќе розети и столони што завршуваат со розета. Цветните стебла се високи 10–30 см и немаат листови. Неколку базални листови формираат розета. Листовите се приседнати, обратно јајцевидно-копјести, малку месести, долги 2–3 см и широки 1–1,5 см, најшироки во горниот дел, врвот може да биде тап или заострен, рабовите со ретки запци, кон основата постепено се стеснуваат и имаат малку жлездести влакна. Цветните стебла најчесто се единечни, со ретки жлездести влакна по површината, а на врвот носат метличесто соцветие со долги дршки. Ливчињата на чашката се долги 1–1,5 мм, зелени или црвенкасти, без влакна, свиткани надолу и прилепени до дршката. Венечните ливчиња се бели со жолти дамки, долги 3–7 мм, копјести, заострени на врвот и во основата стеснети во кратка дршка. Прашниците се подолги од чашкините ливчиња; филаментите се голи, а антерите жолти или розови. Плодникот е натцветен; кутијката е издолжена, долга 4–6 мм.

Растението е често во скандинавскиот планински венец и се среќава источно до северна Русија. Исто така, се среќава на Фарските Острови и Исланд, како и во Велика Британија. Во Македонија расте на тресетишта, крај извори или потоци во субалпскиот и алпскиот појас.

Варијабилност Micranthes stellaris subsp. stellaris - Растение со малку розети во основата. Листовите по површината се влакнести, венечните ливчиња се долги 5–7 мм. Не е присутен во Македонија. Micranthes stellaris subsp. alpigena - Растение со многу розети во основата. Листовите се голи по површината, венечните ливчиња долги 3–5 мм. Се среќава на Јакупица, Баба - Пелистер и Ниџе - Кајмакчалан.

Наводи

Надворешни врски

Виртуелна флора

Категорија:Малоцветни каменоломки Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа