Алпски жедник () — вид повеќегодишно цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Жедник (Sedum) од семејството Дебелци (Crassulaceae). Природно се протега од Европа (Португалија до Балканскиот Полуостров) до Северна Турција.
Опис и распространетост Ова е ниско и голо растение, со многу цветни и кратки стерилни гранчиња, при што полегнатите гранчиња се вкоренуваат. Цветните стебленца се високи 5-8 см, исправени, во основата најчесто благо закривени, и можат да бидат разгранети или неразгранети. Листовите имаат форма од обратно-јајцевидна до елиптично-копјеста или долгнавеста, долги 4-6 мм и широки до 2 мм, месести, горната страна е повеќе сплесната, а долната помалку. Врвот е тап, основата има краток и тап шпорест израсток. Бојата им е зелена или црвеникава, особено кај листовите на цветните стебленца. Цветовите се малубројни, собрани во неколку кратки цимозни гранчиња, кои заедно формираат топчесто соцветие. Цветовите се петчлени, со многу кратки дршки, речиси приседнати. Чашкините ливчиња се од јајцевидни до линејно-копјести, долги 2-3,5 мм, со различна должина, понекогаш речиси колку венечните, зелени или со кратки црвени линии по должина. Венечните ливчиња се бледожолти, со многу црвени точки, најчесто со долг шилест врв, долги 3-3,5 мм, исправени или малку расперени. Има 10 прашници со бели или розови филаменти кои се проширени во основата, а антерите се жолти. Плодните мешунки се бледожолти до црвени, ѕвонести, со два тенки крилести израстоци на предната страна, многу широки во основата и тапи на врвот. Столпчето е кратко.
Во Македонија расте на силикатни планински масиви, во алпскиот и субалпскиот појас.
Варијабилност Sedum alpestre var. alpestre — Венечните ливчиња се тапи или остри. Се среќава на Шар Планина и Осогово - врвот Руен. Sedum alpestre var. kajmaktzalanica Micevski (кајмакчалански жедник) — Венечните ливчиња на врвот се продолжени со долг шилест врв. Се среќава на планините: Ниџе - Кајмакчалан, Пелистер, Јакупица и Јабланица.
Наводи
Категорија:Жедник Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија