Теснолисна детелина () — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј.
Опис Растението е едногодишно, високо 10–40 см, најчесто неразгрането или разгрането уште од основата, а поретко со странични гранки. Стеблото е исправено и покриено со прилегнати влакна. Листовите имаат дршки покуси од листната плочка. Листовите се линејно-копјести, долги 20–50 мм и широки 1–4 мм, со постепено заострен врв и стеснета основа. Од двете страни се покриени со прилегнати влакна. Прилисниците се копјести, со полегнат дел покриен со прилегнати влакна, белузлави, со зелени жили, а нивниот слободен дел е шиловидно-заострен и по работ има ретки полураширени влакна. Тој е долг приближно колку сраснатиот дел на прилисникот или малку покус.
Соцветието е поединечно, терминално, јајцевидно или конусовидно, долго 20–60 мм и широко околу 10 мм. Цветовите се многубројни, а цветната дршка е долга 20–40 мм. Цветовите се без прицветници.
Чашката е долга околу 10 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 3–4 мм и покриен со густи раширени влакна. Запците се долги 4–6 мм, линејно-шиловидни и покриени со раширени влакна. Отворот на чашката е по работ двојно задебелен, а од внатрешната страна има влакнест прстен. Кај прецветените цветови запците се ѕвездесто раширени. Венчето е розово, долго околу 12 мм и обично е покусо од чашкините запци, поретко е еднакво долго или малку подолго од нив. Барјачето е долго околу 10–12 мм и е тенко, додека крилцата се околу 1 мм пошироки и 2 мм подолги од лаѓичката, која е малку покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Теснолисната детелина расте по брдските и планинските пасишта на надморска височина до 1000 метри. Растението е широко распространето и се среќава во околината на градовите Скопје, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Ресен, Штип, Пробиштип, Кратово, Кочани, Делчево, Демир Капија, Валандово, Гевгелија, Струмица и Радовиш. Исто така се среќава во Жеденската Клисура, клисурата на реката Пчиња, Таорската Клисура, Демиркаписката Клисура, планините Скопска Црна Гора, Серта, Галичица, Кожуф, Богословец и други места.
Распространетост во светот Видот е домороден во Европа, Азија и Северна Африка. Се јавува во многу видови живеалишта низ светот, вклучувајќи ги и нарушените области. Може да се најде на други места како доведен вид, вклучувајќи го и како инвазивен вид во делови од Северна Америка, како што е Калифорнија.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија Категорија:Незагрозени видови според МСЗП