Hypericum perfoliatum — вид цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). За првпат е опишан од шведскиот ботаничар Карл Лине.

Опис и распространетост Hypericum perfoliatum е повеќегодишно растение кое достигнува висина до 60 сантиметри. Стеблата се исправени или во основата легнати, цилиндрични, мазни, без разгранувања и со две јасно видливи надолжни линии. Листовите се долги 10–60 мм, формата им варира од јајцевидна до триаглесто-копјеста, а понекогаш се линејно-копјести или сосема линејни; основата им е срцевидна, приседнати, рамни, а на врвот често имаат црни точкести жлезди на кратки дршки; површината е покриена со многу проѕирни жлезди, со слабо видлива мрежеста нерватура одоздола; горната страна е зелена, а долната има сивкасто-зелен тон. Цветовите се собрани во ретко проретчено соцветие. Чашкините листови се издолжени, на врвот остри или заоблени, со многу црни точкести или линејни жлезди по нивната површина, најчесто наредени во два реда, а по рабовите имаат ресести црни жлезди. Венечните листови се два до трипати подолги од чашкините, со црни точкести или линејни жлезди кои стигнуваат до врвот. Прашниците се организирани во три јасни групи. Плодната кутија е долга 5–6 мм, со форма на широко јајце, содржи дорзални канали со смола и странични меурести жлезди со светла боја.

Во Македонија расте на влажни ливади и засенчените места меѓу карпи. Се среќава во Струмица – с. Банско; Валандово – с. Чалакли; Дојранско – Воловец; Демиркаписко – Јаворлица и Градец; Виница и Караташ.

Наводи

Категорија:Кантарион (род) Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа