Осилав здравец () — вид цветно растение од семејството Geraniaceae. Потекнува од Балканот; Македонија, Јужна Албанија, Југозападна Бугарија и Северно-средишна Грција. Исправено повеќегодишно растение кое достигнува висина до 60 см, достапен е од комерцијални добавувачи, а Кралското хортикултурно друштво го смета за добро растение за привлекување опрашувачи.

Потекло на името Името доаѓа од остриот, влакнест завршеток кај чашкините ливчиња - осил, на латински aristatum.

Опис Општи одлики и стебло Осилавиот здравец е повеќегодишно тревесто растение, високо 40 до 60 см, со дебел ризом, препокриен со црвеникаво-кафеави остатоци од прилисниците на базалните листови, со вретеновидно задебелени корења и со неколку стебла. Стеблото е вертикално, аглесто, цевчесто, во долниот дел голо а во горниот дел со распорени долги влакна.

Листови Листовите се наспрамни, долните листови се со 2 до 2,5 пати подолги дршки од широчината на лиските, а горните листови се со покуси дршки од широчината на лисната ламина. Листовите околу 3/4 се пересто насечени на 5 до 7 дела. Деловите на листовите се јајцевидно-копјести, во терминалниот дел насечени на 3 дела, а секој дел обично е двојно назабен. Назабените делови се тапо заострени, листовите од двете страни со четинесто прилегнати влакна, а запците на листовите завршуваат со една жлезда. Лисните дршки се со погусти долги распорени влакна, а прилисниците се линејни, со влакна по работ.

Соцветие и цвет Цветовите се по два на заедничка дршка се развиваат во пазувите на листовите. Дршката на соцветието и дршките на цветовите се подолги од пазувниот лист и со густи распорени долги жлездести влакна. На границата помеѓу дршката на соцветието и дршките на цветовите присутни се 4 линејни прицветници со долг заострен врв и со долги влакна по работ.

Чашка и венче Чашката е зелена или рубрифицирана, чашкините ливчиња се елиптично-копјести, долги 9 до 10 мм, со 3 жили и 2 странични кои се појако или послабо развиени, со долги прости и жлездести влакна, како и многубројни мали приседнати жлезди, кои на врвот се тапи но завршуваат со едно шилесто продолжение долго 4 до 6 мм. Венчето е розово до светловиолетово, со темни виолетови жили, венечните ливчиња се долгнавесто-обратно-јајцевидни, долги 13 до 17 мм, заедно со чашката свртени наназад, во основата кусо клиновидни и со сноп од куси влакна по работ.

Прашници и плод Прашниците се малку подолги од чашката, филаментите во основата се јајцевидно проширени и со влакна по работ, а филаментите на внатрешниот круг се со распорени долги речиси четинести влакна до самиот врв. Долниот дел на плодните листови е црн, со долги распорени четинести бели влакна, а клунестиот дел со погусти мали полураспорени влакна и ретки долги жлездести влакна. Семките се темнокафеави со мрежеста структура по површината.

Живеалиште Осилавиот здравец расте по влажни места, камењари, по рабовите на шумите (особено во буковите шуми), на планинските ливади и покрај планинските потоци. Се среќава во висински дијапазон од 1.000 до 2.650 метри надморска височина.

Распространетост Југоисточна Европа: 2001. TDWG – World Geographical Scheme for Recording Plant Distributions, 2nd Edition

Албанија, Бугарија, Грција, Северозападен Балкан.

Македонија Видот е широко распространет на македонските планини и е регистриран на следните места: Скопска Црна Гора, Јакупица, Шар Планина, Кораб, Бистра, околината на Маврово (с. Врбен), Горна Радика, клисурата на Мавровска Река, Дешат (Крчин), Јабланица, Галичица, Пелистер, Бигла, Илинска Планина, Дудица, Беласица и др.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Растенија опишани во 1897 година Категорија:Флора на Грција Категорија:Флора на Бугарија Категорија:Флора на Албанија Категорија:Здравец Категорија:Флора на Македонија