ГИНОВСКИ, Велимир Каражов (Галичник, 1915 - Скопје, 2011) – економист, стопанственик, државник. По завршувањето на Економскиот факултет во Скопје, специјализирал индустриска политика во Виена. По Втората светска војна, најпрво работел како помошник-директор на Републичкиот завод за стопанско планирање на владата на СР Македонија. Во 1950-тите бил началник за стопанство во Општина Тетово и генерален директор на комбинатот Тетекс во Тетово. Во 1960-тите бил секретар на Индустриската комора на Македонија, републички секретар за стопанство во Извршниот совет на СРМ, и помошник-сојузен секретар за финансии на СФРЈ во Белград. Најголемите професионални и деловни успеси ги постигнал како прв човек на ХЕК Југохром (1969-1984), најпрво како принуден управник, а потоа како генерален директор. Во овој период го трансформирал Југохром од претпријатие на работ на банкрот во еден од најголемите извозници во Југославија. Некои од проектите имплементирани за време на неговиот мандат се изградбата на новите Елкем печки во Јегуновце (1974), фабриката за градежни материјали ИГМ во Вратница (1976), фабриката Медицинска Пластика, Тетово (1980), Хотел Неда, Галичник (1980), и Хотел Славија, Попова Шапка (1981). За својата успешна работа е добитник на високи награди и признанија, меѓу кои и наградата „11 Октомври“ за животно дело во 1992 година.