Rosa gallica, е вид скриеносеменица од семејството рози, домороден вид во јужна и централна Европа, источно до Турција и Кавказ. Rosa gallica била еден од првите видови роза што се одгледувала во централна Европа. Таа е родител на неколку важни сорти.

Опис Ниска грмушка, 40-80 цм висока. Стеблото и гранчињата со мали и големи прави или криви трња, кои можат да бидат ретки а понекогаш да отсуствуваат, а покрај нив скоро секогаш се присутни иглишести боцки, ѓлездести четини и жлезди на дршки. Листовите кокжести, со 3-5 ливчиња, ливчињата 15-50мм долги, 14 мм широки, јајцевидни, елиптични, до скоро круглести, на врвот тапи или слабо заострени, во основата заокруглени, по работ просто напилени или неправилно двојно напилени. На горната страна матово-зелени, голи или со ретки влакна, на долната страна сиво-зелени, влакнести и обично со жлезди по главната жила. Лисната дршка и рахисот влакнести, со ретки жлезди и понекое мало, право, тенко трнче. Прилисниците тесно-крилести, на долната страна влакнести и со жлезди по работ. Цветовите поединечни, поретко по 2-4 заедно, до 80 мм во пречник, и многу миризливи, цветните дршки 20-50 ммдолги, со жлезди на куси дршки, жлездести четини и игличести боцки. Чашкините ливчиња 20-30 мм долги, копјести, во горниот дел тенки, но завршуваат со листовидно проширен врв, по површината со густи жлезди, на куси дршки и жлездести боцки. Надворешните ливчиња со неколку парови линејни сегменти, чашкините ливчиња по прецветувањето свиткани надолу. Венечните листови 30-45 мм долги, темнорозови, скоро црвени. Столпчињата густо влакнести, многу поретко голи. Дискот широк, плодот топчест до јајцевиден, светлоцрвен, со густи жлездести четини.

Група на сорти Gallica Култивари од видот R. gallica и хибриди слични по изглед се сметаат за група на сорти, рози од групата Галика. Нивното точно потекло е непознато и може да бидат вклучени и други видови. Тие лесно се одгледуваат. Розите од групата Галика ги делат вегетативните карактеристики на видот:

Формираат ниски грмушки, Цветовите можат да бидат единечни, но најчесто се двојни или полудвојни; Боите се движат од бела (ретка) до розова и темно виолетова, и Цветаат еднаш.

Аптекарска роза Растенијата со полудвојни темно розови цветови се третираат или како сорта, под името R. gallica var. officinalis, или како сорта, R. gallica 'Officinalis'. Исто така се нарекува аптекарска роза, црвена дамаск роза или црвена роза од Ланкастер. Сорта R. gallica var. officinalis 'Versicolor', со пругасти розови цветови, е позната и како Rosa mundi.

Одгледување Rosa gallica ја одгледувале Грците и Римјаните и најчесто ја користеле во средновековните градини. До 19 век, тоа бил најважниот вид роза што се одгледувал, а повеќето современи европски сорти роза имаат потекло од R. gallica.

Rosa gallica лесно се одгледува на добро дренирана почва на сонце до полусенка. Може да преживее температури до -25.°C.

Распространетост во Македонија Расте по брдски и планински пасишта, по грмушести состоини и покрај шумите до 1,500 м. надморска височина.

Позната е за Жеден, Водно, Таорска Клисура, Велес - Клепа, Прилеп - Сивец, Дебар - с. Баниште, клисурата на Црн Дрим - с. Луково, Галичица, Битола - Црновршка Река, с. Лопатница, Гевегелија - с. Конско, с. Серменин, Смрдлива Вода; Дојран - Ѓуранѓа; Делечево - Арнаутски Гроб, околината на Пробиштип и Кратово.

Се посочува за Охрид и Битола, Струмица- с. Габрово, Скопска Црна Гора, Скопје - с. Радуша и с. Морани, клисурата на Треска - кула и Капина, Скопје - с. Блаце и с. Кожле, Велес - с. Степанци.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Флора Европеа: Роза галика Статија за употребата на RNAi технологијата за производство на сина роза

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Роза Категорија:Флора на Македонија