Lotus aegaeus — повеќегодишен тревест вид на лотос од фамилијата бобови опишан од Август Гризебах и Пјер Едмон Боасје, по потекло од Балканскиот Полуостров до Северозападен Иран. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, силно разгрането, високо 20–40 см. Стебленцата се исправени и разгранети, по површината покриени со долги (до 2 мм) раширени влакна и куси груби влакненца. Листовите се составени од пет ливчиња и од двете страни се покриени со долги влакна. Лисната дршка обично е покуса од ливчињата. Ливчињата се обратнојајцевидни, во основата и на врвот заострени, долги 5–15 мм и широки 4–10 мм.
Цветовите, по три до пет, се групирани во главичести соцветија. Дршката на соцветието е 1,5–3 пати подолга од соодветниот пазувен лист, а во основата на главичестото соцветие се наоѓа еден приседнат лист составен од три ливчиња.
Чашката е ѕвонеста, долга околу 10 мм и покриена со густи долги раширени влакна. Нејзиниот ѕвонест трубест дел е долг околу 3 мм. Запците се долги околу 7 мм, линејно-шиловидни и во основата триаглести. Венчето е жолто. Барјачето е долго 18–25 мм и широко 10–12 мм, речиси кружесто до широкоелиптично, со кус клинест дел во основата. Крилцата се долги 15–18 мм, широкоелиптични и во основата имаат клиновиден дел долг 3–4 мм. Лаѓичката е благо искривена, долга колку крилцата и завршува со издолжен клуновиден дел со виолетовожолта боја. Плодот е речиси цилиндрична, малку странично сплескана, кафеава и гола мешунка, долга 3–4 мм, со испакнати мрежести жили.
Lotus aegaeus цвета во мај, јуни и јули.
Распространетост и живеалиште низ светот Lotus aegaeus има некои спорадични појави во Мексико во близина на границата со САД. Lotus aegaeus расте во карпести и суви обработливи области и чакалести суви падини.
Распространетост во Македонија Lotus aegaeus расте по брдски пасишта, камењари, карпи, покрај патишта и по меѓи. Растението се среќава во околината на Стар и Нов Дојран, селото Ѓопчели и местата наречени Асанали и Ѓуранѓа во Гевгелија, клисурата на Демир Капија, покрај патот помеѓу Неготино и Демир Капија, и Љубаш во Кавадарци.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Лотоси Категорија:Растенија опишани во 1872 година