Димитар (Димитри, Митре) Георгиев (наречен Аржанец или ’Ржанец) (Лескоец, 1876 – Охрид, по 1952) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација.

Животопис лево|мини|Илинденци во Охрид за време на бугарската окупација на Македонија, 30 ноември 1941 г., напред: Евтим Апочев, Андон Шибаков и Јанко Добринов; позади: Глигор Јаковов Ѓоков, Ламбе Арнаудов, Христо Лапајков, Димитар Георгиев – Аржанец и Ташко Арсов Роден е во 1876 г. во манастирот „Вознесение Христово“ кај с. Лескоец, Охридско, тогаш во Отоманското Царство. Се преселил со семејството во Лешани.

Стапил во ВМОРО во 1901 г. Дејствувал како легален работник, поддржувајќи ги четите на Тасе Христов и Дејан Димитров. Учествувал во убиствата на шпиони и во саботажни акции, меѓу кои сечењето на телеграфските столбови од Подмоље до Струга. Во 1902 г. дејствувал со четата на Јордан Пиперката во Кичевско.

Во септември 1902 година, заедно со својот брат Паунко, тој влегол во четата на Никола Петров Русински во Долна Дебрца. По повлекувањето на Русински, во октомври 1902 г. двајцата браќа станале четници под водство на свештеникот Христо Трпев. Учествувале во престрелката на 13 јануари 1903 г. кај Коњско, во која биле убиени војводата и двајцата четници Нове Велјановски од Злести и Григор Воденичарот од Велгошти, додека Паунко Георгиев бил ранет. Преостанатите се придружиле на четата на Славејко Арсов и воделе нова 24-часовна битка кај Избишта, во која загинале Нове Велјанов од Велмеј и Георги Касапчето од Ресен.

Заедно со уште четворица четници, Димитар бил опсаден во една куќа и откако Турците ја запалиле, сите биле заробени и затворени во битолскиот затвор, но по два месеци биле амнестирани. Подоцна, двајцата браќа влегле во четата на Никола Митрев – Елшанец. Браќата Димитар и Паунко учествувале во вкупно десет битки за време на Илинденското востание, најпрвин со четата на војводата Митрев. Подоцна Димитар бил префрлен во четата на Дејан Димитров, со која се борел кај селото Сирула.

По востанието, Димитар Аржанец му се предал на австроунгарскиот конзул Август Крал и се преселил во Охрид. Се оженил и имал две деца: еден син и една ќерка. За време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, на 19 февруари 1943 г. тој поднел молба за народна пензија, која била одобрена од Министерскиот совет на Царството Бугарија.

Во февруари 1946 година, Димитар поднел молба за Илинденска пензија, а на 10 декември истата година поднел и втора молба. Негови сведоци биле револуционерите Ташко Арсов и Андон Шибаков. Му била доделена минимална пензија од 1.000 динари месечно, па затоа на 9 август 1951 година, заедно со Ламбе Арнаудов, тој поднел барање за зголемување на пензијата. На 5 март 1952 г. поднел уште една молба за зголемување на пензијата.

Наводи

Категорија:Македонски револуционери Категорија:Дејци на ВМОРО Категорија:Учесници во Илинденското востание Категорија:Добитници на Илинденска пензија