Ornithopus compressus — едногодишен вид на бобови опишан од Карл Линеј. Видот се јавува во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму.Dyntaxa Ornithopus compressus Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Ornithopus compressus е едногодишно растение, 10–40 см високо, со долги, меки, расперени влакна, од основата разгрането, со придигнати или вертикални гранчиња. Листовите непарно-перести, со 7–13 пара ливчиња; ливчињата елиптични, долгнавести или долгнавесто-копјести, 4–6 mm долги, 2,5–3 mm широки, на врвот кусо заострени, во основата заокруглени, со густи, полурасперени влакна; прилисниците многу мали, триаглести, тенко-кожести. Цветовите по 2–5 собрани во главичести соцветија, со еден перест лист во нивната основа; дршката на соцветието долга колку пазувниот лист или подолга. Цветовите 6–7 мм долги. Чашката околу 4 мм долга, белузлава или бледозелена, со полурасперени влакна; трубестиот дел на чашката двапати подолг од запците; запците линејно-шиловидни и сите со еднаква должина. Венчето жолто; барјачето обратно-јајцевидно, околу 5,5–6 мм долго, постепено стеснето во долг, до 2 mm, клиновиден дел; лаѓичката 1 мм покуса од крилцата, торбеста, тапа, со 2 мм долг кончест клиновиден дел. Прашниците се диаделфни. Мешунката 20–40 мм долга, срповидно свиткана, странично сплескана, со мрежовидно набрчкана површина и куси влакна, јасно поделена на 5–8 членчиња, на врвот завршува со тенок, клуновидно свиткан сегмент, долг 5–7 мм.
Распространетост Видот е распространет во Северна Африка (Алжир, северен Мароко, Тунис), Западна Азија (Кипар, Иран, Израел, Либан, западна Турција), Јужна Европа (Албанија, Бугарија, поранешна Југославија, Грција (вклучувајќи го Крит), Италија (вклучувајќи ги Сардинија и Сицилија), Франција (вклучувајќи го Корзика), Португалија (вклучувајќи ја Мадеира), Гибралтар, Шпанија (вклучувајќи ги Балеарските и Канарските Острови) и Кавказ (Грузија).
Распространетост во Македонија Расте по брдски пасишта на надморска височина до 900 метри. Се среќава во селото Катланово во Скопје, селото Рогачево во Тетово, Маркови Кули, манастир Трескавец, селото Загорани и над селото Дуње во Прилеп, Црновршка Река и железничката станица Лознани во Битола, селото Истибања во Кочани, Делчево, Македонска Каменица, Радовиш, селото Банско во Струмица, Валандово, Богданци и селото Стојаково во Гевгелија.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Европа Категорија:Глушини Категорија:Флора на Африка