Coronilla emerus — повеќегодишен грмушест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј.Кирил Мицевски: Флора на Република Македонија, том I, св. 5, стр. 1364 издавач: МАНУ, Скопје, 2001
Опис Coronilla emerus е грмушка висока 100–200 см. Младите гранчиња, рахисот на листовите, дршката на соцветието, цветните дршки и базалниот дел на чашката се покриени со куси, ретки, прилегнати влакна. Гранчињата се вертикални и задрвенети. Листовите се зелени, непарно-перести, со 2–4 пара ливчиња; ливчињата се обратнојајцевидни, на врвот заокруглени и кусо заострени, во основата клиновидни и со куси влакнести дршки. Прилисниците се слободни, долги 1–2 мм и ципести.
Соцветијата се составени од 4–8 цветови. Дршката на соцветието е долга колку пазувниот лист или 2–3 пати подолга од него. Цветовите се долги 14–22 мм. Цветните дршки се покуси од чашката, а брактеите се долги околу 0,5 мм, на врвот една третина всечени, при што секој дел на врвот завршува со снопче влакна.
Чашката е ѕвонеста, долга околу 5 mm, со триаглести запци долги околу 1 мм. Венчето е жолто, долго 16–22 мм. Расперениот дел на барјачето е речиси кружест и е подолг од клинестиот дел, кој е 1,5–2 пати подолг од чашката. Крилцата се долги колку барјачето и имаат исто толку долг клинест дел. Лаѓичката завршува со клуновиден врв и е еднакво долга со останатите делови на венчето.
Мешунките се долги 50–100 мм, цилиндрични, со испакнати надолжни жили, начленети и составени од 3–12 членчиња, долги 8–10 мм.
Варијабилност
Coronilla emerus subsp. emerus — дршките на соцветијата се долги колку пазувните листови. Соцветијата се со од 1 до 5 цвета. Членчињата на мешунките се со тапи агли. Coronilla emerus subsp. emeroides — дршките на соцветијата се многу подолги од пазувните листови. Соцветијата се со од 5 до 10 цвета. Членчињата на мешунката се скоро цилиндрични.
Распространетост во Македонија Coronilla emerus расте покрај патишта, реки, ретки дабови шуми и други грмушести состоини до 1200 метри надомрска височина. Растението е широко распространето на територијата на Македонија, но неговите познати подвидови се среќаваат на различни места:
Coronilla emerus subsp. emerus — се среќава кај местото Паљурци во Гевгелија, Богданци и клисурата на реката Радика. Coronilla emerus subsp. emeroides — е општо широко распространето низ целата територија на Македонија.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Бобови