Еретички писма или Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено е роман од македонскиот писател Стефан Марковски објавен во 2018-та година.

Содржина Дејството на романот е сместено во градот Маркест, каде живее младиот скулптор Максимилијан Комнениус, кој трагајќи по апсолутното во уметничкото создание, започнува да халуцинира девојка по име Катја, отелотворение на муза и возвишена љубов.

Вљубувајќи се во својата халуцинација, тој склучува договор чија цел е халуцинациите да прераснуваат во сè пореални и поживописни, за да на крајот Катја целосно се претопи во неговата реалност.

За возврат треба да создаде шест бронзени скулптури кои ќе бидат посветени на шесте видови љубов: Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе. Процесот на создавање на секоја од скулптурите е засебно опишан во секој од шесте сегменти на романот. Во секој од нив Максимилијан минува низ различни творечки и животни фази, при што се проследува и неговата творечка еволуција.

Поглавјето со кое завршува секој од шесте сегменти се фокусира на процесот на создавање на секоја од шесте скулптури.

Во делови од романот се појавува и замислениот лик на Еретикот, фигура која реферира на омилениот поет и уметничката инспирација на Максимилијан – симболистот Шарл Бодлер, кој го повикува да твори за сопственото издигнување над животот и смртта и да стане трансцедентно суштество, возвишувајќи се по примерот на трансформацијата на Енох во Метатрон, кој во апокрифната и неканонската литература се споменува како највисок архангел, сместен веднаш зад Божјиот трон.

Геометрискиот симбол за Метатрон е шестаголник во кој се поврзани спротивните темиња, неговата правилна шестаголна структура со милениуми била сметана за еден од најсовршените геометриски облици во повеќе човечки култури и цивилизации, а самиот број шест Питагорејците го сметале за првиот совршен број.

Паралелно со ова дејство, се одвива и социјалниот живот на Максимилијан, кој во голема мера се движи околу неговиот другар Џими, соочен со сопствени животни и семејни предизвици, како и музичкиот бенд „Сагитариус“, од кој, покрај Џими, дел е и русокосата Марјана.

Истовремено, во Маркест исчезнуваат жени. Полицијата се сомнева дека постои врска помеѓу настапите на бендот и исчезнувањето на жените и заради тоа, неговите членови се повикани на полициски распит.

Бројот на исчезнати жени достигнува шест.

Хронотоп и атмосфера Просторот во кој се случуваат главните дејства е ателјето на Максим каде најчесто е обликувањето на скулптурите, преку толкување на облиците и начинот на кој самиот ги доживува, а соодветствува со имагинарното скулптурирање во човека и исполнување на сопствената душа исто како што Максимилијан ја моделира и исполнува празнината на скулптурите.

Самиот простор во кој се одвиваат некои од најзначајните дејства (ателјето) има влијание и врз позиционирањето на неговиот идентитет, односно, станува збор за метонимиски пренос на значењата од просторот врз ликот.

Главен лик Максимилијан се истакнува како лик кој е со „различни“ морални вредности, некој кој единствено во состојба на метафизичка екстаза умее да ја создава својата уметност. Кај него антрополошко-филозофските димензии се динамични, она што се чини дека е релативно неменливо е односот со членовите на бендот и пријателството.

Неговото двојство се одразува и врз неговото име - секогаш кога тој е во корелација со социјалното и „материјалното“ постоење е Максим, додека пак, во „надматеријалното“ - Максимилијан. Подоцна неговото оддалечување од долгогодишниот пријател Џими и од бендот го најавува финалето што ќе следи - најсилната борба со себеси.

Кога би се направило расчленување на неговиот карактер, ретко кога би можело да се разјасни кога тој се наоѓа во состојба на јаве, а кога во состојба на сон или пак, предводена од другата личност во себе. Вртежот околу Егото, Суперегото и Идот на самите негови скулптури е копнеж по недостижноста, копнеж кој му предизвикува постојан немир и му дава уште толку поттик за пронаоѓање на сопствената светлина во ателјето како главен извор на светлина во Вселената. Менувањето на боите, играта со формите и фигурите како негово создание се нешто што допира во неговата психолошка природа, нешто што зборува не само за креацијата на таа скулптура, туку и за неговата креација, зашто за него најсовршената креација е Таа.

Апсолутниот пристап кон уметноста е негов императив. Максимилијан не може да прифати дека неговата креација не е реалност и е само „обично“ создание на умот. Истовремено во неговиот свет не може да се нарече уметност сето она што ја прифаќа заробеноста во сопствената материјалност.

Стил Помеѓу главните стилски одлики на романот се издвојуваат сугестивноста кон дејството и дескриптивноста насочена кон доловување на амбиентот.

Во романот се наидува на концептот на „несвесно“ авторство, каде Максимилијан е поделен на две личности кои меѓусебно комуницираат преку писма.

Во ваквото епистоларно наративно движење, бројни елементи во приказната, каде како „фиктивен“ (нереален, „оживеан“) лик се јавува токму Бодлер, во духот на симболизмот се сугерирани, односно се развиваат со употреба на сугестивни средства, наместо со целосно дескриптивно разјаснување.

„Еретички писма“ е роман што кореспондира со примерните алегории на вонвременската литература, испишан со модерно писмо на јазик што комуницира со современиот читател, што значи, ниту сленгот и жаргонот, независно од нивната провениенција,  му се туѓи, ниту античката, па ни схоластичката мисла не му се оптоварување. Напротив тие функционираат во еден совршен склад што им соодветствува на клучните, парадоксално но можно,  имагинарните реалии во романот – шесте бронзени скулптури што би биле посветени на шесте типа љубов, кои во романот се јавуваат во функција на наслови на одделните поглавја: Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе.

Дејството во романот се движи преку процесот на создавање на секоја од скулптурите, што само по себе упатува на семиотички мултимедијални дела засновани врз писмовна транскрипција на другите визуелни уметности, но и на кибернетички опсервации на други науки што се занимаваат со структури на појавности именувани текстови,  со што пластичноста од скулптуромоделирањето се антропоморфизира во јазикомоделирање, во подбор на зборови со кои беспрекорно се отсликува човековото во скулптурата и скулптурното во човека, а прецизноста на уметниковиот зафат соодветствува на научниковиот (Пандев, 2018: 213).

Наратор Нараторот во романот е динамичен, движејќи се на релација објективен (особено во првите делови на романот) и субјективен.

Со текот на дејството, поголем дел од приказната е раскажана од страна на субјективен наратор, односно низ променливите гледни точки на Максимилијан. Ова станува највоочливо во самата разрешница со разгранет крај, кога кон Максимилијан ќе бидат испалени куршуми.

Епилогот за самиот читател е отворен, но Максимилијан продолжува да раскажува следејќи го сознанието дека куршумите не му можат ништо затоа што завршувањето на апсолутното Дело го трансформира во ангел.

Изданија Романот на македонски јазик е објавен во 2018-та година во издание на Издавачкиот центар „Три“.

Македонското издание има 218 страници.

Романот, покрај на македонски јазик, e објавен и на англиски (2020) и бугарски јазик (2019). Англиското издание е достапно во тврд и мек повез.

За ова романескно остварување е објавена книжевно-теориската студија „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ од м-р Верица Мукоска, како и анализи и осврти од проф. д-р Димитар Пандев, Јордан Плевнеш, Сашо Огненовски, Бобан Богатиновски и други.

Објавувањето на романот „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ Ј. Плевнеш го нарекува „пресвртнички чин во тековите на новата македонска проза“.

Литература

Стефан Марковски. Еретички писма или Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено. Три, Скопје, 2018. Плевнеш, Јордан. Кон романот „Eретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ од Стефан Марковски. Современост, Скопје, 2018. https://plus.cobiss.net/cobiss/mk/mk/data/cobib/107750154 Мукоска, В. Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа). Современост, Скопје, 2023. https://plus.cobiss.net/cobiss/mk/mk/data/cobib/62221317 https://www.literatura.mk/makedonska-knizevnost/14907-ereticki-pisma-ili-naogajki-gi-nebata-sto-sjaat-crveno https://krajbrezje.mk/2018/10/24/bronzen-ili-besmrten-dopir-so-nebata-shto-sjaat-crveno-recenzija-na-eretichki-pisma-od-stefan-markovski/ https://utrinskivesnik.mk/%d1%80%d0%be%d0%bc%d0%b0%d0%bd%d0%be%d1%82-%d0%b5%d1%80%d0%b5%d1%82%d0%b8%d1%87%d0%ba%d0%b8-%d0%bf%d0%b8%d1%81%d0%bc%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d1%82%d0%b5%d1%84%d0%b0%d0%bd-%d0%bc/