Alchemilla flabellata е вид цветно растение од семејството рози. Потекнува од централна и јужна Европа, Украина и веројатно од централна европска Русија, а локално е изумрен во Чехословачка. Расте во планински области на варовнички ливади.
Опис Повеќегодишно растение. Стеблото 4-15 цм високо, најчесто исправено, по целата должина покриено со расперени или косо насочени нагоре влакна. Приосновните листови бубреговидни или круглесто-бубреговидни, 1,5-5 цм во пречник, со широко растојание помеѓу долните делови на листот, 5-7-делни, од двете страни густо влакнести. Листовите насечени од 1/4 до 1/3 или 2/5, а деловите на листот скоро правоаголни и на врвот рамно отсечени, назабени само на врвот; запчињата по 3-6 од секоја страна, тапи или заострени, еднакви по облик и големина. Дршките на приосновните листови 2-6 цм долги, покриени со расперени или косо насочени нагоре влакна. Прилисниците кафеави, сраснати со основата на лисната дршка. Стеблените листови многу по- мали, на куси дршки, најчесто триделни и со назабени прилисници. Соцветијата тесни со куси гранчиња, цветовите во многубројни густи снопчиња. Цветните дршки скоро еднакви со должината на цветот, густо- влакнести. Цветовите 3-4,5 мм во пречник, по прецветувањето широко отворени. Хипантиумите густо влакнести, ѕвонести. Чашкините ливчиња 1-1,5 мм долги, малку покуси или еднакво долги со хипантиумот, влакнести. Ливчињата на епикаликсот од 1/4 до 1/3 покуси и многу потесни од чашкините ливчиња. Зрелите плодчиња покуси од хипантиумите.
Распространетост во Македонија Alchemilla flabellata на територијата на Македонија расте по каменливи места и суви пасишта во планините, најчесто на карбонат до 2.500 м надморска височина.
Се посочува за Јама Бистра, Крчин, Јакупица, Кораб, Враца, Рудока, Јакупица, Јабланица, Ниџе, Кобилица, Љуботен, Пепељак, Пелистер, Дудица, Бегово Поле, Курков Дол, Скопска Црна Гора, Жеден, Алиагиница, Шашковица, Голак, Гуштерица, Кадиица и Руен.
Наводи
Надворешни врски
Alchemilla flabellata
Категорија:Флора на Украина Категорија:Флора на Австрија Категорија:Флора на Швајцарија Категорија:Флора на Полска Категорија:Флора на Германија Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Шпанија Категорија:Флора на Македонија