Amaranthus spinosus е растение кое е по потекло од тропските предели на Америка, но е присутно на повеќето континенти како воведен вид, а понекогаш и како штетен плевел. Може да биде сериозен плевел во одгледувањето ориз во Азија.
Опис Едногодишно растение, стеблото вертикално до 70 цм високо, обично црвеникаво-кафеаво, мазно или надолжно набраздено. Сосема голо или во горниот дел на соцветието со ретки, меки влакна.
Листовите последователни и голи, лисната ламина јајцевидно-ромбична до издолжено-ромбична, а понекогаш и ланцетна, на врвот тапа и со кусо трнче, а во основата на лисната дршка скоро секој лист носи по 2 малку искривени јаки трна. Lисната дршка тенка и долга. Цветовите групирани во топчести соцветија во пазувите на листовите, а на врвот на гранчињата е формирана една класовидна метличка која завршува со едно долго и тенко класовидно образување, во чија основа има неколку такви, но многу куси класовидни образувања. Женските цветови се во долниот дел на класовидните соцветија, а машките цветови во горниот дел. Брактеолите ципести, јајцевидни, долги колку цветовите или покуси, со зелена жила, на врвот зашилени. Машките цветови со 5 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот околу 2 мм долги, издолжено-ланцетни, на врвот тапи или зашилени, ципести, со зелена средна жила, прашниците 3. Филаментите на прашниците долги колку перијантните ливчиња. Женските цветови со 5 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот околу 2 мм долги, долгнавесто-лопатовидни, на врвот обично тапи и со кусо трнче, ципести и со широка зелена жила. Плодникот јајцевидно-ромбичен, со 3 жига. Плодната кутијка обично пука со една напречна пукнатина или пак неправилно се раскинува. Семката околу 0,75 мм во пречник, скоро круглеста, лековидно сплесната, темнокафеава, мазна, сјајна.
Распространетост во Македонија Расте како плевел по окопните култури и покрај градините во потоплите делови.
Познато само за околината на Струмица, с. Банско.
Употреба
Употреба на боја Неговата пепел историски се користела како боја за сива ткаенина во Виетнам и Камбоџа.
Употреба на храна Како и неколку сродни видови, A. spinosus е ценето растение за храна во Африка. Во јужен Мозамбик се користи како храна за луѓето и за некои цицачи. Во Бразил се користи чисто динстано или се додава во солени подготовки за каша. Се цени и во тајландската кујна. Се користи како храна на Филипините. Листовите од ова растение се користеле во исхраната на Малдивите. Во Мексико, тој е меѓу видовите означени како quelite quintonil на мексиканските пазари. Семето го јадат многу птици.
Народна медицина Во народната медицина на Индија, пепелта од плодовите на Amaranthus spinosus се користи во лекување на жолтица. Водните екстракти од неговите корени и листови се користат како диуретик во Виетнам.
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија