Amaranthus graecizans е едногодишен вид во ботаничкото семејство Amaranthaceae. Потекнува од Африка, јужна Европа, Источна Азија до Индија и Централна Азија. Натурализиран е во Северна Америка.

Опис Едногодишно растение. Стеблото до 50 цм високо, вертикално или полегнато, голо или со ретки влакна, од основата силно разгрането, густо обраснато со листови. Листовите со долги дршки. Ламината тенка, сивкасто-зеленикава, долгнавеста или лопатовидна, во основата клиновидна, на врвот заокруглена, тапа, со трновидно осилче долго 0,5-1 мм, по работ ситно набрчкана. На долната страна на ламината спроводните жили силно испакнати и со ретки влакна по нив. Цветовите групирани во куси цимозни соцветија во пазувите на листовите. Брактеолите двојно подолги од перијантот, шиловидни, на врвот со јак и долг трн. Машките цветови со 3 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот ланцетни, бледо ципесто-кожести, на врвот зашилени, со тенка слабо изразена зелена жила. Женските цветови со 3 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот со различна должина, линејно-елиптични, на врвот тапи и кусо заострени, а поретко трновидно зашилени, бели, со тенка зелена жила. Плодникот со 3 жига. Плодот скоро круглест, слабо сплеснат, во горниот дел, и тоа пред сè капачето со неправилни брадавичести брчки. Плодот пука со една напречна пукнатина. Семката леќовидна, црна, мазна, сјајна, со остар раб. По ѓубришта, ниви, меѓи и покрај патишта.

Живеалиште Amaranthus graecizans расте во топли умерени зони каде што може да се најде на надморска височина до 2,400 м. Расте брзо по дожд и може да се најде на нарушено земјиште во близина на човечки и добиточни населби, како и сезонски поплавени песочни рамнини.

Распространетост во Македонија Широко распространето растение. Познато за потесната и пошироката околина на градовите Скопје, Куманово, Велес, Свети Николе, Струмица, Нов Дојран, Гевгелија, Демир Хисар, потоа клисурата на р. Пчиња, Таорска Клисура а се посочува за Валандово - с. Удово.

Употреба Листовите се користат како зеленчук низ цела Африка и Блискиот Исток. Може да се јаде сурово, но почесто се готви или се додава во сосови и чорби. Семето е скробно и исто така може да се јаде.

Листовите, стеблата и семките може да се јадат сурови и варени. Листовите имаат висока хранлива вредност. Кога се одгледуваат на почви богати со азот, познато е дека концентрираат нитрати во листовите, што е особено забележливо на земјиште каде што се користи нитратно ѓубриво.

Наводи

Надворешни врски

PROTA-база на Amaranthus graecizans

Категорија:Флора на Малта Категорија:Лиснат зеленчук Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија