Поточен врболист (науч. Lythrum portula) — вид на растение од фамилијата врболистови опишан од Карл Линеј. Наведен е во Шведската црвена листа како вид близок до загрозеност.

Опис Поточниот врболист е мало, ниско, ползечко растение со вертикални гранчиња, 5–10 см високо, обично голо. Ползечките гранчиња образуваат коренчиња по нодиумите. Листовите се наспрамни, поретко наизменични, обратно-јајцевидно-лопатовидни, 6–10 мм долги, на врвот заокруглени, а кон основата стеснети во дршка долга околу 2–3 мм; прилисниците шиловидни, мали и брзо отпаѓаат. Цветовите се 6-члени, поединечни во пазувите на листовите по целата должина на гранчињата; брактеолите кончесто-линејни, 1–1,5 мм долги. Хипантиумот за време на цветањето е кај плодовите пехарест или полутопчест, околу 1,5–2 мм долг. Сегментите на епикаликсот се шиловидни, исправени нагоре и малку лачно искривени, долги колку чашкините ливчиња или 2–3-пати подолги, а кај плодовите расперени. Чашкините ливчиња се широко-триаглести и ципести. Венечните ливчиња се пурпурни, околу 1 мм долги, а понекогаш отсуствуваат. Прашниците се на број 6, и се покуси од хипантиумот. Плодот е скоро топчеста кутијка, обично околу 2-пати подолга од хипантиумот.

Распространетост во Македонија Поточниот врболист расте по влажни станишта и покрај силикатни карпи на надморска височина до 2000 метри. Растението се среќава во Скопје - с. Петровец; пл. Јакупица - Демирова Ливада кај планинскиот дом „Караџица“ и на пл. Салакова; пл. Бистра; Кратово - с. Страцин (Матевски); Струмица - Моноспитовско Блато; Кавадарци - Витачево, кај станицата за с. Бојанчишта; Ресен - с. Долно Перово (по брегот на Преспанското Езеро).

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Врболист Категорија:Флора на Шведска