Мазен врболист (науч. Lythrum tribracteatum) — едногодишен вид на растение од фамилијата врболистови. Домородно е во Европа, а доведен вид во Северна Америка, растението се среќава во Македонија. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Мазниот врболист е едногодишно растение, од основата до врвот силно разгрането, до 30 см високо. Стебленцата се вертикални, странично расперени или прилегнати; младите гранчиња со рапави надолжни крилести ребра, а страничните гранчиња најчесто наспрамни. Листовите се наизменични, линејни до долгнавесто-обратно-јајцевидно-копјести, 3–12 мм долги и 1–3 мм широки, на врвот заострени, а кон основата постепено стеснети во долг клиновиден дел; листовите на централното стебло значително поголеми, додека кај страничните гранчиња се скоро за половина покуси и потесни; листовите голи, по работ рапави. Цветовите се 4–6-члени, обично поединечни во пазувите на листовите по целата должина на гранчињата; брактеолите слични на листовите, обично долги колку хипантиумот или малку покуси од него. Хипантиумот е тесноцилиндричен, 5–6 мм долг и околу 1 мм широк, кон основата потенок, со слабо изразени надолжни ребра, кои особено се воочливи кај развиените плодови. Сегментите на епикаликсот се скоро неразвиени. Чашкините ливчиња се многу мали, широко-триаглести. Венечнителивчиња се пурпурни, 2–3 мм долги, долгнавести. Прашниците се на број од 4 до 6, сместени во најгорниот дел на хипантиумот. Плодот е цилиндрична кутијка, 3–4 мм долг и околу 1 мм широк.
Распространетост во Македонија Мазниот врболист расте по влажни и песокливи места, а во Македонија се среќава во Скопје во селото Петровец и на Преспанското Езеро кај селото Долно Перово.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија Категорија:Врболист