Atriplex patula е вид на едногодишно тревесто растение од родот Atriplex натурализиран во многу умерени региони.

Опис Едногодишно растение, високо до 100 цм. Стеблото вертикално или се издигнува, разгрането, најчесто голо. Долните листови наспрамни, ромбично-копјевидни, 3-14 цм долги, 1-6 цм широки, целокрајни или насечени, во основата клиновидно стеснети. Горните ланцетни до линејно-ланцетни, целокрајни. Сите листови зелени, голи. Цветовите еднополни и дводомни, групирани во врвни, растресити класовидни соцветија. Женските цветови без перијант, со 2 широко-ромбични или јајцевидно-ромбични, целокрајни или назабени брактеоли, долги 5-7 мм. Во основата сраснати, обично препокриени со брадавичести израстоци, зелени, голи, или пак со брашнест налеп. Семките од два типа. Едните се светлокафеави, со пречник од 2-3 мм, a другите црни, со пречник од 1-2 мм.

Распространетост во Македонија

Расте покрај населби, патишта, или пак како коровно растение, на површини со окопни култури, по угари, бавчи и сл.

Познато за Скопје, Дервенска Клисура - рудник Радуша, Таорска Клисура, Овче Поле, Прилеп - Бабуна (планина), Македонски Брод - с. Самоков, Кичево - Стража.

Се посочува за Охрид и Битола.

Таксономија Видот бил член на семејството Chenopodiaceae, сега дел од Amaranthaceae, семејството штир.

Распространетост и живеалиште Видот има широк опсег, вклучувајќи полусуви пустини и крајбрежни области во Азија, Северна Америка, Европа и Африка. Најчесто расте покрај патишта и депонии.

Иако е општо познато дека видот бил натурализиран во Северна Америка дури од 18 век, семето што му се припишува на овој вид се јавува на западниот брег на Северна Америка во закопани мочуришни наслаги кои датираат од времето пред европската колонизација на Америка.

Употреба Младите листови и изданоци се јадат сурови или варени и се користат како замена за спанаќ, но сами по себе имаат блуткав вкус.

Наводи

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Азија Категорија:Лобода Категорија:Флора на Македонија