Soldanella macedonica — вид цветно растение кое припаѓа на родот Soldanella, од семејството јаглики (Primulaceae). Видот за првпат го опишал холандско-американскиот ботаничар Франк Николас Мејер.

Опис и распространетост Soldanella macedonica е повеќегодишно тревесто растение со ризом до 3 мм дебелина и со тенки и долги коренчиња. Сите негови листови се групирани во основата. Тие имаат долги дршки, кои се најмногу двојно подолги од лисната плоча. Нивната површина, особено кај младите листови, е покриена со мноштво жлездести влакненца составени од 1 до 2 клетки. Лисната плоча има кожеста структура и речиси кружен облик со срцевидна основа, достигнувајќи најмногу до 2,5 см во должина и ширина. Листот е зелен од двете страни — горната површина е целосно гола, додека долната е ишарана со бројни портокалови точкести жлезди (но никогаш не е бела). Рабовите се благо свиткани надолу и многу крупно, но плитко назабени. Дршката на соцветието е долга 7-12 см, покриена со жлездести влакна, а при зреење на плодовите значително се издолжува и станува двојно подолга. Цветовите се групирани по два-три во пршлен, со дршки од различна должина, густо покриени со жлездести влакна. Чашкините ливчиња имаат една јасна средна жила и две тенки странични што се протегаат над половината од нивната должина. Цветовите се виолетови, засечени до половина на тесни или пошироки сегменти, а пошироките завршуваат со две или три запчиња. Прашниците се со должина од околу 4,5 мм, со куси (околу 1,5 мм) и голи прашникови конци. Антерите достигнуваат до 2,5 мм и на врвот завршуваат со виолетов, клунесто издолжен конектив од 1,5 мм. Во цевчестиот дел на цветната круничка има ретки жлездени влакненца, додека во грлото, помеѓу прашниковите конци, се наоѓаат крупни, триаголни лушпи кои на врвот завршуваат со 2 запчиња. Столпчето е значително подолго од венчето. Плодот е гола цилиндрична кутијка со изразени надолжни ребра и на врвот се отвора со неколку ситни запци.

Живеалиште Во Македонија расте по влажни места и покрај силикатни карпи на надморска височина над 1700 метри.

Распространетост Во Македонија се среќава на планината Дешат - Крчин и Пелистер.

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа