Samolus valerandi или валерандова северница — вид на полуводно цветно растение од семејството јаглики (Primulaceae). Овој вид е единствениот претставник од родот Samolus кој се среќава во Македонија. Опис Samolus valerandi е повеќегодишно голо тревесто растение, високо 10-50 см. Неговите цветни стебленца се вертикални, поединечни или групирани во мал број. Листовите се во розета, со форма обратно-јајцевидна или лопатовидна, долги 2–6 см, со цел раб, тапи на врвот и стеснети во долга дршка; стеблените листови се помали, спирално распоредени и со покуси дршки. Цветовите се групирани во гроздести или метличести соцветија; дршките се тенки, благо раздалечени, околу 1 см долги, со една брактеола на средината или до цветот. Чашката е во форма на ѕвоно, долга околу 2 мм, поделена до една третина на тапи и широко триаглести сегменти. Венчето е бело, со дијаметар 2–3 мм, поделено речиси до половина на пет делови, јајцевидни и тапи или благо засечени; венечната цевка е долга колку чашката, а меѓу деловите има пет линејни грлени лушпи. Има пет прашници, прицврстени на основата на венечната цевка; филаментите се еднакво долги како антерите, кои се многу ситни. Плодникот е полупотцветен. Плодната кутијка е пократка од чашката, долга 2–3 мм, содржи многу семки; семките се кафеави и полиедрични.
Распространетост Видот Samolus valerandi има исклучително широк ареал на распространетост кој опфаќа речиси цели континенти — од западните и медитеранските делови на Европа и северниот дел на Африка, преку Азија и Австралија, па сѐ до Јапонија и Латинска Америка заедно со Куба.
Во Македонија расте на влажни и засолени терени, покрај потоци и мочуришта. Се среќава во Скопје - с. Катланово, населба Ченто; Скопска Црна Гора; клисурата на р. Пчиња; Струмица - с. Банско. Екологија Овој вид населува различни влажни живеалишта, вклучувајќи брегови на потоци, плимни мочуришта и извори. Се среќава и во деградирани и во недопрени природни заедници. Одгледување Ова растение е идеално за украсување градинарски езерца, мочуришни терени и влажни градинарски површини. Прилично е непребирливо за подлогата — успева во песокливи, глинести и иловичести почви (најдобро неутрални до базни) и добро поднесува и сенка и директно сонце. Му одговараат исклучително влажни услови и солени морски влијанија, а се оплодува самото. Иако се користи и како аквариумско растение, под вода може да преживее само ограничено време. Употреба Кога листовите на ова растение ќе се исечкаат и ќе се проматат во вода, создаваат пена. Заради оваа особина, арапското население во Палестина порано ги употребувало како природен детергент за перење облека, нарекувајќи го растението „арапски сапун“ (sabūn 'arab). Галерија
Наводи
Надворешни врски Флора на Северно-централен Тексас Флора од Мисури - илустрирана Диви цвеќиња во Илиноис
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Слатководни растенија Категорија:Флора на Австралија Категорија:Флора на Северна Америка Категорија:Флора на Јужна Америка Категорија:Флора на Африка Категорија:Флора на Европа Категорија:Незагрозени видови според МСЗП