Етиопската уметност — манифестација во уметноста на етиопската цивилизација. Во претежно христијанска цивилизација, етиопските уметнички традиции се развивале со милениуми заедно со христијанската уметност низ целиот свет, а од 7 век и со исламските уметнички традиции. Главните уметнички изрази биле архитектурата, сликарството, златарството и илуминираните ракописи. Исто така, постои низа традиции во текстилот, многу од нив со ткаени геометриски украси, заедно со многу поедноставни стилови.

Преглед

Праисториска карпеста уметност споредлива со онаа на други африкански локалитети е зачувана на голем број места, а до доаѓањето на христијанството, камени стели, често изрезбани со едноставни релјефи, биле подигнувани како надгробни обележја и за други намени во многу региони; Тија претставува еден од поважните локалитети. „Предаксумската“ култура од железното време од околу 5 век п.н.е. до 1 век од н.е. била под влијание на Кралството Куш на север и доселениците од Арабија, и создала градови со едноставни храмови од камен, како што се урнатините на продолжението на традиционалната црковна уметност. Моќното кралство Аксум се појавило во 1 век п.н.е. и доминирало во Етиопија до 10 век, а станало во голема мера христијанско од 4 век.

Видови

Сликање

Црковните слики во Етиопија веројатно биле создадени уште од воведувањето на христијанството во 4 век од н.е., иако најраните зачувани примери доаѓаат од црквата Дебре Селам Микаел во регионот Тиграј, датирани од 11 век од н.е. Сепак, следбениците на исламскиот пророк Мухамед од 7 век од н.е., кои побегнале во Аксум во привремен егзил, споменале дека оригиналната црква на Пресвета Богородица Марија Сионска била украсена со слики. Други рани слики вклучуваат оние од карпестите цркви во Лалибела, кои потекнуват од 12 век и оние во блиската Генета Меријам, датирани од 13 век Сепак, сликите во илуминирани ракописи се постари од најраните зачувани црковни слики; на пример, етиопските Гаримински евангелија од 4 до 6 век од н.е. содржат илуминирани сцени што го имитираат современиот византиски стил.

Етиопското сликарство, на ѕидовите, во книгите и во иконите, е многу препознатливо, иако стилот и иконографијата се тесно поврзани со поедноставената коптска варијанта на доцноантичката и византиската христијанска уметност. Се карактеризира со едноставни, речиси цртани фигури со големи очи во облик на бадем. Боите се обично светли и живописни. Поголемиот број на слики се религиозни по природа, честопати украсувајќи ги ѕидовите на црквите и Библијата. Еден од најпознатите примери на овој вид сликарство е во Дебре Берхан Селасие во Гондар (на сликата), познат по својот покрив покриен со ангели (ангелите во етиопската уметност често се претставени со крилести глави), како и другите мурали кои датираат од крајот на 17 век. Диптисите и триптисите се исто така често насликани со религиозни икони. Од 16 век, уметноста на Римокатоличката црква и европската уметност воопшто почнале да вршат одредено влијание. Сепак, етиопската уметност е многу конзервативна и го задржала поголемиот дел од својот посебен карактер сè до современото време. Изработката на илуминирани ракописи за употреба продолжило до ден-денес. Поклоненијата во Ерусалим, каде што долго време имало етиопско свештенство, исто така овозможиле допир со поширок спектар на православна уметност.

Црквите се скоро целосно насликани, иако до 19 век постоеле малку знаци на световно сликарство, освен сцени на нивните ѕидови кои го одбележувале животот на дарителите на црквите. Невообичаено за православното христијанство, иконите обично не се чувале во куќите (каде што честопати се чувале некои свитоци), туку во црквата. Некои „диптиси“ се во форма на „ковчег“ или табот, во овие случаи осветени кутии со насликана внатрешна страна на капакот, поставени затворени на олтарот за време на мисата, донекаде еквивалентно на олтарниот камен во западната црква и антимините во другите православни цркви. Овие се сметаат за толку свети што на лаиците не им е дозволено да ги видат, а се завиткуваат во ткаенина кога се носат во поворка.

Етиопските диптиси имаат примарно крило со рамка. Помало второ крило, кое е само со големина на сликата во рамката, е обоено од двете страни за да се овозможи затворен и отворен поглед. Иконите се насликани на дрвена основа, но од околу 16 век со меѓусебна платнена подлога залепена на слој од гиос над дрвото. Врзувачкиот медиум за бојата е исто така лепак на животинска основа, кој дава мат завршница која потоа често се лакира. Се употребува низа претежно минерални пигменти, давајќи палета основана на црвени, жолти и сини нијанси. Користено е подцртање, кое може да остане видливо или засилено со обоени рабови на областите со боја во последниот слој.

Од 15 век, Богородица или Дева Марија, со или без нејзиното Дете, станала сè попопуларна. Тие употребувале варијанти на голем број вообичаени византиски типови, обично опкружени со два архангели во иконски претстави. Таа често е прикажана со соседна слика на јавачки Свети Ѓорѓи и Змејот, кој се смета за особено поврзан со Марија во етиопското православно христијанство, за пренесување пораки или интервенирање во човечките работи во нејзино име.

Крстови и други метални изработки

Друга важна форма на етиопската уметност, исто така поврзана со коптските стилови, се крстовите кои се направени од дрво и метал. Тие обично се состојат од бакарна легура или месинг, позлатени (барем првично) со злато или сребро. Главите се типично рамни лиени плочи со сложена и комплексен ажурен украс. Мотивот на крстот произлегува од украсот, при што целиот дизајн често формира ротирана квадратна или кружна форма, иако дизајните се многу разновидни и инвентивни. Голем број вклучуваат закривени мотиви што се издигаат од основата, кои се нарекуваат „грбовите на Адам“. Освен во поновите примери под влијание на Западот, тие обично немаат корпус или фигура на Христос, а дизајнот често вклучува бројни помали крстови. Понекогаш се додаваат гравирани фигуративни слики. Крстовите се претежно или литиски крстови, со метална глава поставена на долг дрвен жезол, кои се носат во религиозни поворки и за време на литургијата, или рачни крстови, со пократка метална рачка од исто лиење како и главата. Помалите крстови што се носат како накит се исто така вообичаени.

Лалибелскиот крст е особено почитуван рачен крст, кој можеби датира од 12 век, кој бил украден од црква во Лалибела во 1997 година и на крајот бил пронајден и вратен од белгиски колекционер во 2001 година.

Карактеристични форми на круната биле носени во церемонијални контексти од страна на кралското семејство и важни благородни службеници, како и од повсокото свештенство. Кралските круни се издигале високо, со голем број кружни ленти, додека црковните круни честопати наликуваат на издолжена варјанти на типичната европска затворена круна, со четири краци, споени на врвот и надвиснати со крст.

Современа уметност Во текот на 21 век, современите етиопски уметници сè повеќе ја мешаат традиционалната естетика со глобалните и современите влијанија. Уметници како Џули Мехрету, Елијас Симе и Ајда Мулунех добиле меѓународно признание за нивната иновативна употреба на материјали и теми поврзани со идентитетот, урбаниот живот и културното наследство. Нивните дела биле претставени на изложби како што се Венециското биенале и Музејот на современа уметност, што го одразува растечкото присуство на Етиопија на глобалната сцена на современа уметност.

Гирма, Х. (2023). Современа етиопска уметност: традиција и преобразба. Универзитетски прес центар во Адис Абеба. Соломон, М. (2024). „Етиопски уметници на глобалната современа сцена“. Африкански уметнички журнал, 57(2), 45–59.

Други уметности и занаети

Етиопија има голема етничка и јазична разновидност, а стиловите во секуларните традиционални занаети значително се разликуваат во различни делови од земјата. Постои низа традиции во текстилот, многу од нив со ткаено геометриско украсување, иако голем број од овие видови се обично и еднобојни. Етиопските црковни практики во голема мера употребуваат шарени текстили, а посложените видови се широко користени како црковни одежди и како завеси и обвивки во црквите, иако денес во голема мера се заменети со западни ткаенини. Примери за двата типа може да се видат на сликата на почетокот од статијата. Иконите обично може да бидат покриени со полупроѕирна или непроѕирна ткаенина; многу тенка памучна ткаенина од шифон е специјалитет на Етиопија, иако обично без шари.

Шареното кошничарство со спирална конструкција е вообичаена во рурална Етиопија. Производите имаат голем број на намени, како што се складирање житарки, семиња и храна, а се користат и како маси и чинии. Муслиманскиот град Харар е добро познат по својата висококвалитетна кошничарска изработка, а многу занаетчиски производи на муслиманското малцинство се поврзани со пошироките исламски декоративни традиции.

Илуминирани ракописи од други религиозни групи во Етиопија

Кошничарството не била единствената уметност што се појавила од муслиманскиот град Харар. Иако христијанските илуминирани ракописи доминираат во книжевноста за религиозни текстови што произлегуваат од овој регион, Етиопија е исто така дом на богата историја на исламски илуминирани ракописи. Сместен во средноисточниот дел на Етиопија на раскрсницата на повеќе миграциски и трговски патишта, Харар станал епицентар на исламизацијата до 14 век. Ова следело по претходните воведувања на религијата од страна на муслимански религиозни личности на североистокот на земјата во 7 век и на бреговите на соседна Сомалија во 8 век. Спојувањето на културите од номадските групи домородни во регионот и трговските партнери пошироко, резултирало со стил на ракопис уникатен за народот Харари.

Ракописот на Халили (Куран од 290 страници во еден том) научникот д-р Сана Мирза го смета за претставник на различните Харариски кодекси (познати на арапски како Мусхаф). Делумно, поради неговите стилски паралели со 25-те снимени збирки произведени во Харар. Дополнително, бидејќи станува збор за еден од најраните документирани текстови од градот - најстариот датиран ракопис што содржи текст на Стар Харари бил направен во 1460 година. Халилискиот Куран има јасни, широки хоризонтални маргини, создавајќи оптика на ракопис издолжен низ целата страница. Широките маргини се исполнети со белешки и украсни предмети. Некои белешки се напишани дијагонално во однос на главниот текст, создавајќи вертикален цик-цак ефект, а други се напишани во блоковски модели. Шарениот сив, златен и црвен текст служи и за естетска и за функционална намена, при што секоја боја означува различно толкување на текстот или изреките на пророкот.

Аџами писмо и аџамизација Самиот текст е напишан на аџами, што се разликува од мајчиното Гиско писмо — азбука која се употребува за пишување јазици местни во Етиопија и Еритреја. Аџами се однесува на приспособено арапско писмо под влијание на местните јазици што првенствено се зборуваат во Источна Африка. Надвор од писмото, Аџами претставува контекстуално збогатување на исламските традиции во регионот во овој период во поширока смисла, процес што растечката книженоста на оваа тема го нарекува Аџамизација. Со воведувањето на исламските текстови, култура и уметност во Африка, заедниците ги модифицирале овие традиции за да ги задоволат локалните вкусови. Аџамизацијата на куранските текстови од страна на народот Харари го одразува овој пресек на асимилација и зачувување, преку прилагодување на традиционалните исламски практики кон домородната култура и вкус.

Стилски паралели