Побарувачката и понудата (англиски: supply and demand) се клучни концепти во економската наука. Притоа, микроекономската наука се занимава со изучување на поединечната и пазарната побарувачка и понуда за определено добро, додека агрегатната побарувачка и агрегатната понуда се предмет на анализа на макроекономијата.

Поединечната побарувачка за определено добро претставува количина на доброто што едно лице сака и е способно да ја плати до определен временски период. Врз побарувачката на определено , да кажеме доброто Х, дејствуваат голем број фактори. Притоа, дури и од практиката може да се заклучи дека цената на доброто е најзначајниот фактор од којшто зависи побарувачката за тоа добро. Други фактори што ја условуваат побарувачката за одредено добро се: висина на доходот на потрошувачите, ширината на пазарот, очекувањата на потрошувачите за движењето на цената на доброто во иднина и други релевантни фактори. Во продолжение ќе ги обележиме со посебни симболи факторите што ја условуваат побарувачката за доброто Х.

цената на доброто Х (Px) доходот на потрошувачите (Y) големината на пазарот (М) цената на добрата поврзани со тоа добро (Pr) вкусовите на потрошувачите (Т) очекувањата на потрошувачите за движењето на цената во иднина (E) други релевантни фактори (O)

Според тоа , можеме да кажеме дека побарувачката за доброто Х, dx, е функција на сите споменати фактори, односно: dx = f ( Px, Y, M, Pr, T, E, O )

Вообичаено е во економската анализа да се тргне од претпоставката дека побарувачката за определено добро , односно за доброто Х , е функција на цената на доброто Х, ceteris paribus, т.е. под претпоставка дека сите други фактори што ја детерминираат побарувачката на доброто остануваат непроменети. dh = f (Px) ceteris paribus Поаѓајќи од ваквата претпоставка воопшто не е тешко да се утврди дека секогаш постои определен однос помеѓу пазарната цена за определено добро и бараната количина за тоа добро. Ваквиот однос во економијата се нарекува крива на побарувачката. Врз основа на овие податоци можеме да ја конструираме кривата на побарувачката за доброто Х , доколку на апцисата ја нанесеме бараната колчичина за доброто Х , а на ординатата цената на доброто Х. Значи, кривата на побарувачката ни ги покажува соодносите помеѓу бараната количина за доброто X од страна на еден поединец и цената на доброто Х, ceteris paribus. Наспорти поединечната побарувачка за доброто Х , постои и пазарна побарувачка за доброто Х. Пазарната побарувачка за доброто Х претставува збир на поединечните побарувачки за доброто Х на соодветниот пазар. Во продолжение, кога ќе збориме за побарувачката, секогаш предвид ја имаме пазарната побарувачка за определено добро. Исто така , треба добро да се запамти дека и поединечната побарувачка за доброто Х и пазарната побарувачка за доброто Х се микроекономски категории.Кривата на побарувачката потврдува дека односот помеѓу бараната количина и цена е обратнопропорционален - колку цената е поголемо, толку бараната колиичина е помала, односно - колку цената е помала, толку бараната количина е поголема.Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 43.

Законот за побарувачката во економијата Врз основа на кривата на побарувачката доаѓаме до законот за побарувачката во економијата. Тој може да се формулира на следниов начин: Покачувањето на цената на доброто , под претпоставка дека ништо друго не се променило, предизвикува опаѓање на вкупната барана количина за тоа добро. Намалувањето на цената на доброто , под претпоставка дека ништо друго не се променило, предизвикува пораст на вкупната барана количина за тоа добро.

Зошто со покачувањето на цената на доброто, бараната количина за тоа добро се намалува? Тоа е така од две причини. Прво, заради ефектот на супституција - ако едно добро поскапи, рационалните потрошувачи ќе настојуваат да го супституираат, да го заменат со друго добро: струја за нафта, говедско месо за пилешко месо итн. Второ заради ефектот на доходот- покачувањето на цената на доброто се сведува на осиромашување на потрошувачите, на смалување на нивниот доход: ако порасне цената на месото , потрошувачите ќе купуваат и трошат помалку месо. Поинаку стојат работите ако дојде до намалување на цената на доброто. Поевтинувањето на доброто привлекува нови купувачи и ја зголемува потрошувачката на постојните купувачи. Типичен пример за ова е пазарот на лични сметачи. Силните технолошки продори во доменот на микроелектрониката предизвикуваат постојано опаѓање на цената на личните сметачи. Тоа привлекува нови купувачи и личните сметачи денес масовно се користат во училиштата, факултетите, и во нашите домови. Слично стојат работите и со ласерските печатачи , со мобилните телефони итн.

Законот на побарувачката, вака како што го формулиравме и објаснивме, важи за најголемиот број добра и услуги. Но тука постојат и некои исклучоци врзани за т.н. Гифинов парадокс, однсоно Гифинов ефект - (Giffen effect). Кон средината на ХIX век Роберт Гифин ( Sir Robert Giffen, 1837-1910) забележал дека во Ирска , зголемувањето на цената на компирите, место да ја намали, ја зголемува побарувачката за компири, при дргуи непроменети услови (ceteris paribus). Оваа ситуација е невообичаена, чудна, бидејќи покачувањетоа на цената на определено добро фактички се сведува на намалување на доходот на потрошувачите и нивно осиромашување. Ваквиот феномент, односно парадокс, се појавил во Ирска, во услови на голема сиромаштија и голем недостаток на компири кои биле основен прехранбен производ на населението. Гифиниовиот парадокс може да се објасни со преовладувањето на ефектот на доход пред ефектот на супституција. Имено, покачувањето на цената на компирите, во услови кога тие се основен прехранбен производ, од кој во крајна линија зависи егзистенцијата на сиромашното население, уште повеќе го намалила и така нискоиот доход на населението. Во услови на голема сиромаштија можност за супституција на компирите со други прехранбени производи не постои, просто затоа што нив de facto ги нема- месото, на пример, во тоа време било луксуз за населението во Ирска. Во таква ситуација, според тоа , ефектот на супституција комплетно изостанува, а ефектот на доход е силен : населението на зголемената цена на компирите одговара со зголемена побарувачка за компири. Овде ќе се потсетиме дека доколку дојде до пораст на доходот на потрошувачите, расте побарувачката за секое добро и за секое ниво на цената на доброто . Тоа е случај со најголемиот број на добра. Добрата за кои побарувачката расте со порастот на доходот ( или што се сведува на исто , со намалување на нивните цени ) се нарекуваат нормални добра . Но, како што видовме кај Гифиновиот парадокс , постојат случаи во кои побарувачката за доброто , место да намалува, расте со порасотот на цената (намалувањето на доходот). Во современата економска литература се забележува дека друг вид на нестандардно однесување т.е. отстапување од законот за побарувачката е поврзан со т.н. инфериорни добра. Кај инфериорните добра порастот на доходот на потрошувачите, место кон зголемување, води кон намалување на поибарувачката за овие добра. Типичен пример за инфериорно добро е лебот. Имено, во современи услови порастот на потрошувачкиот доход ја намалува побарувачката за леб. Тоа е така, бидејќи зголемениот доход им овозможува на потрошувачите да го супституираат лебот со поскапи, поквалитетни добра (месо, сирење и сл.), односно со посупериорни супститути. Очевидно, кај инфериорните добра, ефектот на супституција преовладува пред ефектот на доход.Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 45.

Факторите што ја условуваат побарувачката Во досегашната анализа претпоставуваме дека побарувачката за одредено добро зависи само од цената на доброто. Дејството на другите фактори го запоставуваме. Но се разбира дека врз побарувачката дејствуваат и сите други фактори што порано само ги споменавме. Доходот на потрошувачите - порастот на просечниот доход на потрошувачите ја зголемува побарувачката за секое добро и по секоја цена на доброто. Порастот на доходот на потрошувачот (да кажеме во рамките на едно домаќинство) може да биде резултат на дејството на поголем број фактори : пораст на платите на веќе вработените членови на домаќинството, вработување на членови на домаќинството кои дотогаш не работеле, појава на други извори на доход како што се: дивиденди од акции , камати од штедни влогови итн. Со поголем расположлив доход потрошувачите ќе купуваат поголема количина храна, облека, трајни потрошни добра и сл. Големина на пазарот - големината на пазарот и неговата апсорпциона моќ најчесто се мери преку бројот на населението и просечниот доход на населението. Македонија со 2 милиони жители и низок доход по глава на жител има мал пазар и пазар со ниска апсорпциона моќ. Од друга страна, речиси 60 милиони луѓе во Франција , кои располагаат и со далеку поголем доход по глава на жител , ќе купуваат многу повеќе од сите видови добра и услуги. Цените на добрата поврзани со тоа добро - овде посебно се значајни промените на цените на добрата кои се супститути на соодветното добро, како и цените на добрата кои се во комплементарен однос со соодветното добро. Добрата се супститути кога извршуваат иста функција, односно задоволуваат горе-долу иста потреба, поради што во потрошувачката се заемно заменливи- супститут за нафта е електрична енергија, за јагнешко месо е говедското месо , за путер е маргаринот итн. Позначајно зголемување на цената на путерот ќе ги сврти потрошувачите кон поголемо користење на маргарин, што ќе предизвика пораст на побарувачката за маргарин. Според тоа, кај супститутите , порастот на цената на едно добро води кон пораст на побарувачката за друго добро. Добрата се комплементарни (заедно се надополнуваат) кога зголемувањето на потрошувачката на едното добро предизвикува зголемување на потрошувачката на другото добро. Типичен пример се автомобилите и бензинот. Порастот на потрошувачката на автомобили, детерминира пораст на потрошувачката на бензин. Поради тоа смалувањето на цената на бензинот ќе услови пораст на побарувачката за автомобили и обратно. Вкусовите на потрошувачите - вкусот и преференциите на потрошувачите се поединечни и многу различни од еден до друг субјект. Едни луѓе претпочитаат , повеќе сакаат , модерни малолитражни автомобиили, други големи и комотни автомобили, трети спортски и моќни машини. Вие ја претпочитате црвената боја, а вашиот брат или сестра зелената боја. Некои луѓе сакаат класично да се облекуваат , а други спортски. Покрај субјективно-психолошките елементи врз нашите вкусови силно влијание имаат и историските фактори, религиозните фактори , здравствените фактори , обичаите, традицијата итн. Некои религии, како што е случај со муслиманската религија , се противат на консиумирањето на свинското месо , кравата во Индија е свето животно и не смее да се коли итн. Модерната медицина не препорачува претерано консумирање на свинско месо и сугерира повеќе да се троши морската храна. Сето тоа влијае врз формирањето на нашите вкусови , а овие врз побарувачката на различните добра и услуги. Очекувањата за движењето на цената на доброто во иднина - ако потрошувачите очекуваат пораст на цените на одредено добро или услуга во иднина, расте актуелната, сегашната побарувачка за доброто или услугата. Ако очекуваме паѓање на цената на едно добро во иднина , намалува побарувачката за тоа добро сега - практично ќе дојде до одлагање на потрошувачката во иднина, кога истото добро ќе може да се купи по пониска цена. Други релевантни фактори и посебни влијанија - врз пазарната побарувачка за одредени добра и услуги влијаат и многу други фактори. На пример, лошото и врнежливо време ја зголемува побарувачката за чадори, обилните снежни врнежи ја зголемуваат побарувачката за скијачка опрема, добро организираниот јавен сообраќај во големите градови ја смалува побарувачката за автомобили и обратно. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 46.

Поместување на кривата на побарувачката