Филип Каваев (роден во година во - починал во година во ) — македонски гимназиски професор по македонски јазик и книжевност, и фолклорист.
Животопис
Филип Каваев е роден во 1904 година во Струга. Основно образование завршил во Струга, средно во Охрид и во 1924 година, тој завршил богословска учителска школа во Призрен. Во времето од 1924 до 1941 година, тој учителствувал во многу села во тогашната Струшка, Дебарска и Прилепска Околија. Во почетокот на бугарската окупација (1941 година) бил назначен за средношколски професор во Битола каде останал до крајот на својот живот. Учителствувајќи од село во село, Каваев имал можност да се запознае со фолклорот во разни места. Собраниот материјал тој грижливо го чувал до последните години од животот кога го депонирал во Институтот за фолклор во Скопје, така што во проучувањето на фолклорот на Западна Македонија, тој е неодминлив. Во 1945 година бил назначен за наставник за македонски јазик и книжевност во ново отворените училишта на мајчин јазик, во Гимназијата „Никола Карев“ во Битола. Во 1957 година, тој дипломирал и на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1962 година, според тогашните закони, Каваев бил пензиониран на 58 годишна возраст.
Покрај собирање на народни творби, тој пишувал и книжевни дела. Уште пред НОБ, тој објавувал творби - песни и раскази во тогашните весници и списанија. Во 1936 година, за објавениот расказ „Прост рибар“, тој ја добил првата награда, а 1938 година, на анонимен конкурс, тој добил втора награда за учество со кратко прозно дело. Во 1943 година, тој понудил драмски текст во Битолскиот народен театар, поврзан со револуционерната дејност и погубувањето на Ѓорѓи Сугарев. Објавувал написи во списанието „Македонски јазик“ за зборообразувачките процеси, за етимологијата на посебни зборови и сл. Има објавено трудови и од историски карактер („Учеството на Битола и битолчани во Илинденското востание според народните песни“). Од објавените трудови посебно интересни се тие што говорат за фолклорот на областа Гора и говорот на Горанците. Во 1961 г. ја објавил збирката „Народни пословици и гатанки од Струга и Струшко“, 4450 пословици и 567 гатанки. Во 1969 г. ја објавил книгата „Битола, бабам Битола“ со 204 испеани песни за Битола, додека во 1972 година, излегла од печат и третата негова збирка „Смилево славно во оган гори“. Во 1961 година, тој бил награден со наградата „4 Ноември“. Истата година бил одликуван и со Орденот за труд со сребрен венец.
Починал во 1974 година во Битола.
Наводи
Категорија:Македонски фолклористи Категорија:Југословенски фолклористи Категорија:Добитници на наградата „4 Ноември“ Категорија:Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Македонски општественици Категорија:Југословенски општественици Категорија:Македонски средношколски професори Категорија:Југословенски средношколски професори