Alyssum murale — вид повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарите Франц де Паула Адам фон Валдштајн-Вартемберг и Пал Китаибел. Alyssum murale припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Се смета дека Alyssum murale е способно да апсорбира тешки метали од почвата. Опис и распространетост Високо е 30-40 см, разгрането во основата, со долги вегетативни гранчиња и неколку цветни стебла. Стеблата се исправени, црвеникави, покриени со густи прилегнати влакна со долги краци. Листовите на стеблото се обратно-јајцевидни до копјести, заострени на врвот, клиновидни во основата; горе зелени со ретки влакна, долу сиво-зелени со густи влакна; во пазувите се развиваат кратки гранчиња. Цветовите се собрани во штитовидно соцветие со разгранувања од прв, втор и трет ред. Чашкините ливчиња се зелени, долги 2,2 мм, елиптични со ретки влакна. Венечните ливчиња се жолти, долги 3,2-3,5 мм, обратно-јајцевидни, тапи на врвот, кон основата преминуваат во клинест дел, со малку влакна на долната страна. Филаментите на долгите прашници имаат криловиден израсток долг околу 2/3 од филаментот, споен до половина и со 2-3 запчиња на врвот; кај кратките прашници израстокот е линеен и слободен до основата. Шушменчињата (плодовите) се речиси округли, долги 4 мм и широки 3,5 мм, со врв рамeн или вдлабнат, основа клиновидна, зелени и плоски, со прилегнати влакна што најчесто не се допираат; влакната имаат 6-11 дебели краци со пречник 0,25-0,40 мм. Столпчето е долго околу 1 мм и има малку влакна. Семките имаат широко кафеаво крило по работ. Плодните дршки се долги 3-4,5 мм.

Се среќава на варовнички камењари или серпентин во дабови шуми до 500 метри надморска височина. Се среќава во Демиркаписката Клисура - Краста и Свети Николе - с. Богословец. Варијабилност Видот е поделен на следниве подвидови:

A. m. murale A. m. stojanoffii

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа