Hypericum maculatum, — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). Потекнува од Европа и Западна Азија, каде што расте на влажни ливади. Опис и распространетост Hypericum maculatum е безвлакнесто растение кое расте до околу 60 см. Стебленцата се исправени или свиени во основата, неразгранети или разгранети горе, со кратки гранчиња во пазувите на листовите; четириаглести со тесни надолжни крила, кои кај некои примероци се послабо развиени, а ретко недостасуваат. Листовите се приседнати, долги 15-30 мм, јајцевидни до елиптични, основата заоблена, врвот тап, целосно цели; горната страна е темнозелена, долната светлосивкасто-зелена со испакнати жили; рабовите со ретки црни точкести жлезди, а површината со малку црни и многу прозрачни точкести жлезди. Цветовите се собрани во ретки едноставни или сложени гроздовидни соцветија. Чашкините ливчиња се широко-елиптични до долгнавести, врвот е заоблен, понекогаш малку заострен; површината има многу точкести или издолжени жолтеникаво-портокалови жлезди, а понекогаш и по некоја црна жлезда. Венечните ливчиња се околу 10 мм долги, јајцевидни, жолти, со многу црни точкести и кратки линејни жлезди, а покрај нив и долги светли линејни жлезди или само такви светли жлезди. Прашниците се една третина пократки од венечните ливчиња или еднакви со нив. Плодната кутијка е околу 9 мм долга, со долги тенки линејни паралелни смолни канали. Семките се цилиндрични, долги околу 0,8 мм, светло до темнокафеави, со ситни мрежести вдлабнатини.

Се среќава на планински пасишта и ливади, меѓу грмушеста вегетација, шумски полјани, покрај шуми и шумски патишта до 2.200 метри надморска височина. Варијабилност Hypericum maculatum subsp. maculatum - Чашкините и венечните ливчиња имаат густи црни и топчести линејни жлезди. Растението се среќава само на планината Осогово - Царев Врв. Hypericum maculatum subsp. immaculatum - Чашкините и венечните ливчиња немаат густи црни и топчести линејни жлезди. Растението се среќава на Скопска Црна Гора, Шар Планина - Попова Шапка и Церипашина, Кораб - Кобилино Поле, Бистра, Осогово и Дудица. Употреба Се смета за лековито растение.Băcilă, I., et al. (2010). Micropropagation of Hypericum maculatum Cranz an important medicinal plant. Rom Biotechnol Lett 15 86-91. Hypericum maculatum се користи во традиционалната австриска медицина како екстракт од чај или масло (внатрешно), а надворешно како маслен екстракт, маст или ладна мацерација во етанол за третман на кожни заболувања, заболувања на локомоторниот систем, нервниот систем, гастроинтестиналниот тракт, респираторниот тракт, бубрезите и уринарниот тракт, кардиоваскуларниот систем, инфекции, ревматизам и гихт. Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Европа Категорија:Кантарион (род) Категорија:Кантариони Категорија:Флора на Македонија