Euphorbia amygdaloides е вид скриеносеменица од семејството Euphorbiaceae, домороден вид на шумските предели во Европа, Турција и Кавказ.
Euphorbia amygdaloides е меѓу ретките растенија што напредуваат во сува сенка на дрвјата. Брзо се шири преку подземни ризоми и може да стане инвазивно, иако релативно лесно се отстранува.
Една позната форма е Euphorbia 'Efanthia'. Подвидот E. amygdaloides subsp. robbiae (Turrill) Stace, се одгледува како градинарско растение и ја добило наградата за градинарски заслуги на Кралското хортикултурно друштво.
Латексот кој растението го лачи е токсичен и може да предизвика иритација при контакт со кожата.
Опис Повеќегодишно влакнесто или голо тревесто растение, до 80 цм високо, со долг подземен ризом и со двегодишни стебленца. Стеблото во основата прилегнато, а потоа придигнато и исправено. со многубројни пазувни зраци. Стеблените листови на гранчињата од првата година формираат една розета од целокрајни обратно-јајцевидно, копјести до елиптични листови, кои е 4-11 цм долги; 2-2,7 цм широки, на врвот тапи или заострени, кон средината клиновидно се стеснуваат и се со многу куси дршки, а во втората година стебелените листови се жолтеникаво-зелени или зелени долгнавести до елиптични и неколку пати помали од листовите на розетата. Листовите во основата на штитот обично 5, широко-обратно-јајцевидни но со заострено врвче и помали од зраците. Листовите во основата на штитчињата делумно или сосема сраснати, поретко слободни. Штитот со 5-8 зраци, тенки дихотомно разгранети 1-2 пати. Бројот на пазувните зраци може да биде и многу голем до 16.
Обвивката на циатумот 3-3,5 мм долга, широко-ѕвонеста, гола, со големи полумесечести жлезди со долги рокчиња.
Кутијката 3-4 мм долга, со 3 длабоки бразди и испакнати лобуси, а по површината со зрнести брадавички.
Столпчињата мали.
Семките околу 2-2,5 мм долги темносиви до црвеникави.
Распространетост во Македонија Euphorbia amygdaloides во Македонија е широко распространето и расте по дабови, букови, борови, елови и смрчеви шуми до 2,200 м надморска височина.
Наводи
Категорија:Приземни растенија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Млечка (растение) Категорија:Флора на Македонија