Trifolium cherleri — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј. Потекнува од Канарските Острови, Медитеранот и Блискиот Исток, дури до Иран, се среќава и во Македонија, а е доведен вид во Австралија и се користи како сточна храна.
Опис Растението е едногодишно и влакнесто, високо 7–15 см, разгрането уште од основата, често со полегнати гранчиња. Стебленцата се покриени со густи, долги и раширени влакна. Листовите се покриени со прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, стеблените листови имаат покуси дршки, а најгорните се приседнати и обвиени од прилисниците. Листовите се обратно-срцевидно-копјести, со ситно назабен врв и цел раб. Прилисниците се јајцевидно-копјести, белузлави, од надворешната страна покриени со прилегнати, а по работ со раширени влакна. Нивниот слободен дел е зелен, триаглесто заострен и најчесто се свиткува надолу. Прилисниците на најгорниот лист се широко раширени, полукружни и формираат обвивка околу основата на соцветието.
Соцветието е полутопчесто, а при созревањето на семките дополнително се обвива од прилисниците. Цветовите се без прицветници и се долги 9–10 мм.
Чашката е долга 9–10 мм и има дваесет жили. Нејзиниот трубест дел е долг околу 3 мм и по површината е покриен со густи, полураширени долги влакна, додека во горниот дел на внатрешната страна има густи долги влакна. Запците на чашката се долги 5–7 мм, линејно-шиловидни, со раширени влакна и речиси еднакви по должина. Венчето е розово, светлорозово или белузлаво и е покусо од чашката за 1–2 мм. Барјачето е долго околу 9 мм, крилцата се околу 1 мм покуси од него, а лаѓичката е само малку покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Trifolium cherleri расте по брдски пасишта, главно врз силикатна подлога или длабока почва. Растението се среќава во: Скопје – Петровец, Катлановска Бања, Скопска Црна Гора над село Арачиново. Жеденска Клисура, Велес – Голик, Св. Илија, селата Башино Село, Чашка, Сојаклари и Ногаевци. Радовиш, Кочани, Делчево, Македонска Каменица, селото Радибуш во Крива Паланка. Прилеп – Мариово, Маркови Кули, манастир Трескавец и селото Загорани. Битола – селата Лознани и Кукуречани. Селото Брајчино во Ресен, Кавадарци, Демирхисарска Клисура, Валандово, селото Колешино во Струмица, Богданци. Селата Стојаково, Негорци, Ѓавато, помеѓу Стар и Нов Дојран, и кај местото Асанли, планината Галичица.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Фуражни култури Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Африка