Trifolium patulum — повеќегодишен вид на детелина опишан од Игнац Фридрих Тауш. Меѓународниот сојуз за заштита на природата го категоризира глобално видот како незагрозен. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение со подземен ризом, од кој исправено израснуваат повеќе стебленца. Стебленцата се тенки, зелени, високи до 60 см, повеќе или помалку разгранети, а страничните гранчиња често завршуваат со листови или соцветија. По површината се покриени со густи прилегнати влакна, долги околу 1 мм. Листовите на стеблото се ретки. Базалните листови имаат долги дршки, додека стеблените листови имаат дршки покуси од листната плочка и по целата должина се сраснати со прилисниците. Листовите се линејно-копјести, долги 10–50 мм, од горната страна голи, а од долната страна и по работ покриени со прилегнати влакна. Страничните жилки се благо искривени кон работ на листот, врвот е тап или слабо заострен и завршува со едно шилесто запче. Основата е стеснета, а работ е цел. Прилисниците се долгнавести; кај приземните листови достигнуваат должина до 40 мм и речиси по целата должина се сраснати со лисната дршка, додека нивниот слободен дел е долг 5–10 мм и е линејно-шиловиден.

Соцветијата се долги до 40 мм, јајцевидни или речиси цилиндрични, составени од голем број густо збиени цветови и носени на многу кратка дршка долга 10–15 мм, која е покриена со густи прилегнати влакна. Цветовите се без прицветници.

Чашката е долга 11–13 мм, со десет зелени жили и по површината покриена со речиси прилегнати влакна. Нејзиниот цилиндричен дел е долг околу 4 мм, црвенкаст или зелен, а отворот е прстенесто задебелен. Запците се долги 6–8 мм, шиловидни, со полураширени влакна и благо искривени или странично раширени. Венчето е пурпурно. Барјачето е долго околу 13 мм, благо искривено нагоре и широко околу 3 мм, додека крилцата и лаѓичката се приближно еднакво долги како барјачето. Плодот е мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium patulum расте покрај дабови и букови шуми, проретчени шуми и шумски сечишта. Растението се среќава на планината Бистра на патот кон селото Селце, помеѓу селата Железнец и Големо Илино во Демир Хисар, помеѓу селата Крушје и Лева Река во Ресен, Влаиница во Гостивар, Баба Сач (Кичевско), Дешат - Крчин, селото Баниште во Дебар, планината Галичица, планината Кожуф кај Смрдлива Вода над селата Серменин и Коњско.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Детелина Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија