Trifolium lappaceum — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј. Видот се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму.
Опис Растението е едногодишно, светлозелено, високо 5–20 см и разгрането. Стеблото е исправено или приподигнато, со надолжни бразди и покриено со долги, раширени влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките се покуси од листната плочка. Листовите се долги 5–15 мм, обратнојајцевидно-клиновидни, голи или од двете страни покриени со полураширени влакна, со тап врв и ситно назабен раб, додека страничните рабови се речиси цели. Лисните дршки се покриени со долги раширени влакна. Прилисниците се долгнавести, белузлави, со зелени или црвени жили, голи, а нивниот горен слободен дел е зелен, тесно триаголен и влакнест.
Соцветијата се топчести, поретко јајцевидно-топчести, со пречник од 10–15 мм, носени на покуси или подолги дршки долги 5–25 мм. Цветовите се густо збиени и без прицветници.
Чашката е долга 6–7 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 2 мм, најчесто гол или со ретки влакна, со десет јасно испакнати и задебелени жили и со прстен од влакна на внатрешната страна околу отворот. Запците се долги 4–5 мм, тенки, шиловидни и покриени со ретки раширени влакна. Во основата се широко триаголни и имаат пет испакнати жили. Венчето е розово, долго колку чашката и благо закривено нагоре. Барјачето е долго околу 7 мм, крилцата и лаѓичката се малку покуси од него. Плодот е мала, јајцевидна мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.
Варијабилност
Trifolium lappaceum var lappaceum – горните прилисници се долгонавести и со долг заострен врв. Trifolium lappaceum var adrianopolitanum – горните прилисници се широки со обратно-јајцевидна форма и е со кус заострен врв.
Распространетост во Македонија Trifolium lappaceum расте по брдски пасишта и напуштени ниви, но неговите варијабилности се среќаваат:
Trifolium lappaceum var lappaceum се среќава во селото Сулари во Скопје, Таорската Клисура, селата Башино Село, Отовица и Уланци во Велес, Нов Дојран и Гевгелија. Trifolium lappaceum var adrianopolitanum се среќава селото Големо Коњари во Прилеп.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Детелина Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј