Alyssum umbellatum — вид едногодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Видот за прв пат е опишан од францускиот ботаничар Никез Огист Дево.
Опис и распространетост Alyssum umbellatum е сиво растение, високо до 10 см. Стеблата се исправени, можат да бидат неразгранети или разгранети. Листовите се тесни до издолжени, сиво-зеленикави, покриени со ѕвездести влакненца со долги израстоци. Цветовите се групирани во компактни штитовидни соцветија, а плодовите исто така се распоредени во штитовидни соплодија. Цветните дршки се долги 3–5 мм. Ливчињата на чашката се долги 2–2,2 мм и лесно опаѓаат. Венечните ливчиња се долги 2,5–3,5 мм, благо засечени и со малку ѕвездести влакненца на задната страна. Шушменчињата (плодовите) се долги 4–5,5 мм, јајцевидни до елипсовидни, со зарамнет врв или малку вдлабнати, се преклопуваат едни со други, зеленикави, со прилепени ѕвездести влакна со нееднакви краци; капачињата се нерамномерно испакнати. Столпчето е долго 0,7–1,2 мм и покриено со ѕвездести влакненца со долги израстоци. Семките имаат речиси крилест раб.
Во Македонија расте на песочни и суви каменливи терени. Овој вид се среќава во Удово, Марианска Планина и Прилеп (Мариово), кај мостот Расим-беј.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа