Alyssum alyssoides — вид тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Природно е распространето во Евроазија, но може да се најде низ поголемиот дел од умерените климатски зони како неавтохтон вид, а понекогаш и како обичен плевел. На пример, се среќава како плевел во западниот дел на Соединетите Американски Држави. Често се појавува на обработливи полиња, песочни патеки, јами и пристаништа.
Опис и распространетост Alyssum alyssoides е едногодишно растение, а понекогаш и двегодишно. Неговото стебло е вертикално, може да биде едно и неразгрането или разгрането уште од основата, високо 30–40 см, покриено со густи ѕвездести влакненца. Листовите при основата се обратно-јајцевидни до копјести со кратка дршка. Листовите на стеблото се потесни; сите листови имаат сивкасто-зелен изглед поради густите ѕвездести влакна. Цветовите се собрани во гроздести соцветија што при зреењето на плодовите значително се издолжуваат; дршките на цветовите се косо поставени на главната оска, долги 1,5–2 мм и обраснати со ѕвездести влакна; дел од влакнените зраци се издолжени и излегуваат надвор. Плодните дршки се раширени странично. Ливчињата на чашката се копјести, долги 2 мм и остануваат на плодот до неговото зреење; нивната површина е покриена со ѕвездести влакна, а на врвот тие влакна се издолжуваат и создаваат четинест сноп. Ливчињата на венецот се издолжени, жолти и подоцна побелуваат, долги 3–4 мм, на врвот благо засечени, а на задната страна имаат ретки ѕвездести влакненца. Филаментите на прашниците се ресести и немаат дополнителни израстоци. Шушменчињата (плодовите) се долги 3–4 мм, речиси округли, со малку ситни и меки ѕвездести влакненца. Столпчето е долго околу 0,5 мм. Семките се долги 1,2–1,5 мм, имаат тесен крилест раб, мазна површина и жолтеникаво-кафеава боја.
Во Македонија расте на суви тревести и каменливи терени, покрај патишта, меѓи и запуштени ниви, на височини до 1.600 метри. Растение со голема распространетост. Галерија
Наводи
Надворешни врски
Рачен третман на Џепсон Профил на растенија од USDA
Категорија:Игловрв Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1759 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Македонија