Trifolium pignantii (синоним: Trifolium fulcratum) — повеќегодишен вид на детелина, по потекло од Албанија, Бугарија, територии на поранешна Југославија и Грција.

Растението во Македонија често се среќава и во формата Trifolium pignantii f. piligerum, што се одликува со ретки долги влакна по жилите на чашката.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 20–40 см, со подземен ризом од кој израснуваат неколку стебленца. Стебленцата се исправени, разгранети и по површината покриени со долги, меки, раширени влакна. Базалните листови имаат дршки подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките постепено се скратуваат, а најгорните листови со своите дршки го обвиваат соцветието. Листовите се широко обратнојајцевидни или широкоелиптични, долги 10–30 мм и широки 10–15 мм, со тап, заоблен или плитко всечен врв и неправилно ситно назабен раб. Во основата се клиновидни, а по средната жила на долната страна и по работ се покриени со ретки долги влакна. Лисните дршки имаат ретки раширени меки влакна.

Прилисниците на долните листови се широкојајцевидни, со издолжен заострен врв, додека кај горните листови се долги до 30 мм и завршуваат со долг заострен врв. Најгорните прилисници го обвиваат соцветието со своите широкообратнојајцевидни основи. Во поголемиот дел се зелени, голи, а по работ имаат нежни влакна.

Соцветијата се топчести или јајцевидни, со пречник од 25–35 мм и составени од голем број цветови без прицветници. Цветовите се долги 15–20 мм.

Чашката е долга околу 14 мм. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е зелен, долг околу 7 мм и покриен со долги влакна по работ и околу отворот. По прецветувањето, ткивото по работ на чашката се распукува и формира две усти околу отворот. Запците се тенки, шиловидни, со различна должина и со долги влакна по работ; горните се долги околу 7 мм, страничните околу 8 мм, а долниот околу 10 мм. Венчето е долго 15–20 мм, кремаво, односно жолтеникаво-бело. Барјачето е долго 15–20 мм, благо искривено нагоре и широко околу 4 мм. Крилцата се околу 2 мм покуси од барјачето, а лаѓичката е околу 1 мм покуса од крилцата. Плодот е тенка, ципеста мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium pignantii расте по планинските грмушести состоини, ретките шуми и по шумските работи на надморска височина до 2000 метри. Растението е широко распространето низ сите планини во Македонија.

Наводи

Извори

Надворешни врски

Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Грција Категорија:Флора на Бугарија Категорија:Флора на Албанија