Hypericum linarioides — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae).

Опис и распространетост Hypericum linarioides е растение со височина до 30 см. Од неговиот корен излегуваат бројни исправени стебленца. Тие се округли, без влакна, по должина црвеникаво или светло кафеави, неразгранети, со кратки гранчиња во пазувите на листовите. Листовите се долги 8-15 мм, широки до 3 мм, тесни и речиси елиптични, рабовите им се свиени, основата им е стеснета во кратка дршка, без влакна, а површината е покриена со многу проѕирни жлезди. Горната страна на листовите е зелена, а долната е сивкасто-зелена со нагласена средна жилка. Листовите на гранчињата од пазувите се потесни и многубројни, создавајќи групи од листови. Цветовите се собрани по 6-8 во прешлени и создаваат едно цилиндрично, неразгрането соцветие, при што најдолните прешлени се поретко распоредени. Прицветниците се долги околу 4 мм, тесно елиптични, заострени на врвот, со цели рабови и со издолжени светлокафеави жлезди. Чашкините ливчиња се долги 2,5-3 мм и широки 1,3-1,5 мм, во основата една третина споени, зелени, со цели рабови, на врвот без или со малку црни жлезди на кратки дршки, а по површината имаат паралелни издолжени светлокафеави жлезди. Венечните ливчиња се 2-2,5 пати подолги од чашката, обратно јајцевидни, светложолти, рабовите им имаат црни точкести жлезди на кратки дршки, а површината е со издолжени светлокафеави жлезди и црвеникави жили. Прашниците се собрани во три групи; антерите се жолти и секоја има по една топчеста жлезда со светлокафеаво-црвеникава боја. Плодната кутијка е јајцевидна, долга 5,5-6 мм, црвеникаво-кафеава, со тесни паралелни смолни канали по површината. Семките се долги околу 1 мм, со форма меѓу цилиндрична и бубрежна, светлокафеави, со должина 1-1,2 мм.

Во Македонија расте на суви и каменливи терени. Видот се среќава единствено на планината Јакупица, во Борополе и Даутица.

Варијабилност Видот е поделен на следниве подвидови:

Hypericum linarioides alpestre Hypericum linarioides linarioides

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Кантарион (род) Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа