MoM-z14 — најдалечната позната галаксија, чие црвено поместување изнесува z = 14,44. За првпат е забележана на 16 мај 2025 г. од инструментот NIRcam на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST). Сликата ја прикажува во текот на нејзиното образување, околу 280 милиони години по Големата експлозија, за време на ерата на рејонизација на раната вселена. Ова била фазата на вселенски развој кога неутралниот водород почнал повторно да јонизира поради енергијата што ја зрачеле најпрвобитните небесни тела.
Оваа галаксија е исклучетелно сјајна и збиена, со делотворен полупречник од само 241 светлосни години, или 1 % од големината на Млечниот Пат. Огромната оддалеченост (а со тоа и повратно време) на телата со големо црвено поместување овозможува истите да се сликаат, наместо само да се забележат како светлински точки. Ова е бидејќи MoM-z14 ја оддала светлината кога била многу поблиску до нас, а со тоа и е привидно поголема.
Масата ѝ изнесува околу 108 сончеви маси, нешто помалку од 3-те милијарди M☉ на Малиот Магеланов Облак. Добиената слика го доловува нејзиниот изглед пред 13,53 милијарди години, кога таа претрпела брза ѕвездообразба. Ова ја збогатило металичноста на галаксијата до степен кој не може да се образложи со денешните модели за настанокот на раните галаксии. Распрснувачката образба испуштила големи количества на енергетски фотони, кои поминале низ беспрашинска меѓуѕвездена средина, и со тоа непосредната околина на MoM-z14 станала особено јонизирана.
Откривање MoM-z14 е откриена на 16 мај 2025 г. од 46 астрофизичари користејќи го вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST). Телескопите пред JWST немале доволно големи огледала за да забележат светлина од вакви далечни галаксии. Вселенскиот телескоп „Спицер“ бил инфрацрвен телескоп, но не бил доволно голем за да ја забележи MoM-z14, Џејмс Веб бил доволно голем и наменски предвиден за овие цели.
Поврзано Старост на вселената Историја на вселената JADES-GS-z14-0 — претходниот рекордер Список на најдалечни астрономски тела
Галерија
Наводи
Категорија:Галаксии Категорија:Секстант (соѕвездие) Категорија:Астрономски тела откриени во 2025 година