Ситно зајачко уво () — крајбрежно цветно растение од семејството на штитоцветните (Apiaceae).Bupleurum tenuissimum (Slender Hare`s-ear) On-line Atlas of the British and Irish flora Се среќава и во Македонија.
Опис Ова е едногодишно сивкасто и голо растение, високо до 70 см, обично многу разгрането. Стеблото во основата круглесто, а во погорните делови четириаглесто, со тесни крилца по рабовите, разгранетите гранчиња расперени. Листовите линејни до линејно-копјести, сиво-зелени, со 3-7 жили многу испакнати на долната страна и со заострен врв; базалните во основата со широк ципест раб и го обвиваат стеблото, а горните значително помали и приседнати. Штитовите со 3-5 штитчиња кои се со приближна или различна должина на дршките; има 3-4 прицветници, многу помали од најдолгата дршка на штитчињата, линејни до линејно-копјести, со 3 жили, на врвот заострени. Штитчињата со 5 прицветничиња; тие се линејно-копјести, на врвот заострени, со 3 жили, подолги од цветовите, а покуси од плодовите, по рабовите и по средната жила на долната страна рапави; дршките на штитчињата од 3-25 мм. Цветовите жолтеникави до жолтеникаво-зелени. Венечните ливчиња се долги 0,4-0,5 мм, на грбната страна на врвот папилозни, а свитканиот кон внатрешноста дел на врвот со 2 запчиња. Стоплчињата се долги 0,1-0,2 мм. Плодовите се јајцевидно-топчести до речиси топчести, долги околу 2 (1,9-2,3) мм, по површината густо брадавичести и со поизразени или слабо изразени ребра.
Во Македонија Во Македонија ситното зајачко уво се среќава исклучиво по засолените почви. Присутно е со подвидот tenuissimum. Кај него секундарните гранчиња се многу куси, а исто важи и за дршките на штитчињата (2-6 мм). Плодовите се добро развиени брадавичести ребра. Познат е единствено за Овче Поле, а се посочува и за Гевгелиско — с. Николиќ (Bornmüller, 1927) и околината на Скопје (Славниќ, 1939).
Мицевски („Флора на Република Македонија“) го посочува и подвидот gracile, но тој денес е прекласификуван во видот Маршалово зајачко уво (Bupleurum marschallianum).
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Зајачко уво Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј