мини|Кнез Меншиков Александар Сергеевич Меншиков (; 26 август 1787, Санкт Петербург — 2 мај 1869) — руски благородник, воен и државен деец, дипломат и адмирал, од родот Меншикови.
Биографија Бил правнук на кнезот Александар Данилович Меншиков, фаворит на царот Петар I. Во 1817 година бил унапреден во генерал-адјутант, а во 1833 година во адмирал.
Во 1805 година ја започнал службата во Колегиумот за надворешни работи, а во 1809 година преминал во воена служба. Учествувал во Руско-турската војна (1806-1812) година како аѓутант на генералот Николај Каменски, при што се истакнал во борбите кај Туртукаја и Никопол и бил ранет при нападот на Рушчук. За време на Наполеоновите војни учествувал во походите од 1812–1814 година, вклучително и во битките кај Кулм и Лајпциг, а во 1814 година бил ранет кај Париз.
Од 1815 година бил близок со царот Александар I и го придружувал на неговите патувања и дипломатски конгреси. Во 1823 година преминал во дипломатската служба, а во 1824 година се повлекол од активна служба. Во 1827 година царот Николај I го назначил за началник на Главниот морски штаб и член на Комитетот на министри, додека од 1830 година бил и член на Државниот совет. Од 1831 до 1836 година ја извршувал функцијата генерал-губернатор на Финска, а истовремено продолжил да го раководи Главниот морски штаб.
Меншиков имал значајна улога во управувањето со руската морнарица во времето на Николај I. Во 1828–1829 година учествувал во Руско-турската војна, при што командувал со десантен одред на источниот брег на Црното Море, ја зазел Анапа и раководел со опсадата на Варна, каде што бил тешко ранет.
Во пресрет на Кримската војна бил испратен во Цариград како вонреден руски пратеник (февруари–мај 1853), со задача да ги застапува руските интереси во спорот со Османлиското Царство околу положбата на православните христијани и светите места во Палестина. Преговорите завршиле без успех, по што дипломатските односи меѓу Русија и Османлиското Царство биле прекинати.
За време на Кримската војна (1853–1856) Меншиков бил врховен командант на руските копнени и поморски сили на Крим. Под негово командување руската војска претрпела порази во битките кај Алма и Инкерман, а во март 1855 година бил отстранет од командата. Во декември истата година бил назначен за воен генерал-губернатор на Кронштат, но во 1856 година се повлекол од државната служба.
Меншиков бил почесен член на Санктпетербуршката академија на науките од 1831 година и на Руската академија од 1835 година. Бил познат и како голем библиофил; поседувал една од најголемите приватни библиотеки во Санкт Петербург, со повеќе од 50.000 томови. Починал во 1869 година.
Категорија:Личности од Кримската војна