Geum reptans е вид цветно растение од родот Geum од семејството Rosaceae кое расте во некои планини во Централна и Југоисточна Европа. Долговечно растение кое се размножува и полово и клонално, има висока фенотипска варијација, но овие варијабилни особини не се сметатт за адаптации на локалните услови.
Опис Повеќегодишно тревесто растение со дебел ризом, кој во горниот дел е со остатоци од изумрени листови. Растенијата образуваат многу долги надземни столони, кои лесно се вкоренуваат со врвовите и носат мали ретки ливчиња. Цветните стебленца до 15 цм високи, се развиваат во пазувите на листовите, неразгранети, со по еден цвет на врвот, со долги, густи, прости влакна и многуклеточни жлездести влакна. Листовите жолтеникаво-зелени, од обете страни и по работ со долги бели влакна, а на долната страна и по работ и со густи жлездести влакна, со куси дршки, перести, со голем број парови на ливчиња, ливчињата широко-обратно-јајцевидни, на врвот обично всечени на 3 дела, а тие можат да бидат и длабоко назабени. Стеблените листови многу мали и пересто насечени. Кај базалните листови прилисниците сраснати по целата должина со лисната дршка како ракавец. Прилисниците на стеблените листови ланцетни, целокрајни или назабени, во основата сраснати со лисната дршка. Цветовите обично поединечни, 6-8 члени, 25-40 мм во пречник, цветните стебленца со прецветувањр се издолжуваат до 25 цм. Чашкините ливчиња 6-8, линејно-ланцетни, до 14 мм долги, кои уште за време на цветањето се издолжуваат, црвеникави, со долги прости влакна. Ливчињата на епикаликсот линејно-ланцетни, влакнести, за 1/2 или 1/4 помали од ливчињата на чашката. Венечните ливчиња 6-8, обратно-јајцевидни, интензивно жолти, 14-20 мм долги. Прашниците и карпелите во голем број. цветната ложа кусо цилиндрична и влакнеста. Оревчињата влакнести, а столпчето 20-25 мм долго, со долги расперени влакна и не е начленето.
Распространетост лево|мини| Ботаничка илустрација Расте во пукнатини на карпи, на морени, во влажни сипарски полиња и на планински врвови. Распространет е на Алпите, каде што обично се наоѓа на надморска височина од 2,100-2,800 м надморска височина, иако неговиот висински опсег варира: од 1,900 до 2,500 м надморска височина во Поморските Алпи до 3,800 м во Грајанските Алпи. Помалку расте во Шварцвалд во Германија, во некои делови од Карпатите (во Татрите на надморска височина од 1440–2540 м), на планините Рила и Пирин во Бугарија (на надморска височина од 2300–2900м), и во планините Пинд, Кораб и Шар Планина на Западен Балкан.
Распространетост во Македонија Geum reptans може да се најде по варовничките карпи и кмењари во алпскиот појас до 2,750 м надморска височина. Познат е за врвовите на ланините Шар Планина и Кораб.
Наводи
Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Украина Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Македонија