Drymocallis rupestris е мало растение од Евроазија.
Опис Повеќегодишно тревесто растение со листови во основата на цветното стебло. Цветното стебло до 60 цм високо, со прилегнати влакна кои во долниот дел ги нема, но во погорниот дел се многу густи, а по крај нив се појавуваат и ретки жлездести влакна. Листовите непарно перести, со 5-7 ливчиња. Базалните листови со многу долги дршки, со ретки влакна и ретки жлезди. Ливчињата оддалечени едни од други овални до скоро круглести, неправилно двојно назабени, со заострени запци, кон основата клиновидни и целокрајни или круглести. На горната страна зелени и со прилегнати влакна, а на долната страна сиво-зелени со прилегнати влакна, и тоа особено по жилите и по работ. Прилисниците тесно-крилести и на врвот скоро рамно отсечени. Стеблото со еден стеблен лист или без него; стеблениот лист помал од базалните листови со 5 ливчиња, и со јајцевидни прилисници кои завршуваат со еден слободен триаглест дел. Цветното стебло во горниот дел разгрането и со приличен број цветови. Цветовите 15-25 мм во пречник, со многу долги дршки кои се со прилегнати или малку расперени свиленести влакна и густи жлездести влакна. Чашкините ливчиња широко-триаглесто-ланцетни, заострени, а понекогаш на врвот и со 3 запчиња, по површината со густи жлездести влакна и со ретки прости влакна. Ливчињата на епикаликсот помали и потесни, целокрајни, но понекогаш со 3 запчиња на врвот или неправилно насечени. Венечните ливчиња бели, јајцевидни 8-14 мм долги, целокрајни и еднаш или двапати подолги од чашкините ливчиња. Прашниците кончести и голи. Цветната ложа влакнеста. Столпчињата во долната половина подебели, но на обата краја заострени. Оревчињата светлокафеави, мазни, со кремови мрежести шари.
Распространетост во Македонија Ова растение расте по пукнатините на варовничките и силикарните карпи, од 600 до 1,800 м. надморска вискочина. Познато е за Велешко - Клепа, Прилеп - манастир Трескавец, Кичево - врвот Кафчал на Лубен, Галичица, Кожуф - Висока Чука, Виница - с. Липец, Делчево - Голак. Се посочува за Прилеп - Дренска Планина, клисурата на реката Треска, Беласица - Порој, Скопје - Водно.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија