Potentilla supina е вид скриеносемено растение кое припаѓа на семејството рози.

Домородно е во умерената и суптропската северна полутопка и јужна Африка.

Опис Едногодишно, двегодишно, а понекогаш и повеќегодишно растение. Стеблата влакнести, 10-40 cm долги, прилегнати на почвата, од основата разгрането, со гранчиња на сите страни. Листовите при основата со ретки влакна, со 2-5 пара напилени или тапо назабени ливчиња и со еден терминален пересто насечен листен дел, кој по работ е со тапи или остри запци, а во основата клиновидно стеснет. Горните листови скоро приседнати и тројни; лисните дршки долги; прилисниците целокрајни, само со основата на лисната дршка сраснати. Цветовите 6-10 мм во пречник, обично поединечни во пазувите на листовите, а по врвовите на гранчињата тие се збиени и формираат еден гроздовиден свиток; цветовите со куси или долги дршки кои по прецветувањето лачно се искривуваат надолу. Чашката 6-8 мм во пречник, по површината со расперени влакна, а по прецветувањето малку се зголемува. Чашкините ливчиња долгнавесто-јајцевидни, на врвот заострени, а ливчињата на епикаликсот се помали, потесни и тапи на врвот. Венечните ливчиња жолти, обратно-јајцевидни до срцевидни и обично покуси од чашкините ливчиња. Прашниците 15-20. Цветната ложа влакнеста. Плодчињата во голем број. Столпчињата во основата задебелени.

Распространетост во Македонија Potentilla supina расте по влажни песокливи места и покрај оризиштата.

Позната за Скопје - с. Петровец, Штип - Чардаклија, по брегот на Преспанското Езеро кај с. Стење.

Се посочува за Валандово - с. Удово и Гевгелија - с. Миравци како и клисура Демир Капија.

Наводи

Категорија:Флора на Северна Америка Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Африка Категорија:Петопрст Категорија:Незагрозени видови според МСЗП