Лиам Алан Милар (роден на 27 септември 1999 година, во Торонто) — канадски фудбалер, играч од средниот ред на и на канадската репрезентација.
Биографија Милар е роден во Торонто, Онтарио, а израснал во Брамптон и Оуквил. На 13-годишна возраст се преселил во Англија поради фудбалски цели.
Неговиот татко играл за Чарлтон Атлетик и е електричар кој работел на телевизиски серии, вклучувајќи ја и Игра на тронови.
Милар е оженет со Даниела Паничија, со која имаат три ќерки.
Клупска кариера Почетоци Милар ја започнал својата кариера во Брамптон Јут на четиригодишна возраст. По две години се приклучил на Норт Мисисаугаса и останал во клубот сè до неговото заминување во Англија. На 13-годишна возраст се приклучил на академијата на Фулам, но се соочил со потешкотии да се приспособи на англискиот фудбал. При преселбата во Англија, Милар изјавил: „Ми требаше извесно време за да се навикнам на тоа каков е англискиот фудбал, веројатно ми требаа добри две и пол години.“
Ливерпул
Во јули 2016 година, тој му се приклучил на Ливерпул како слободен играч, поради ограничените опции во нападот во академијата на клубот.
Милар постигнал гол само после четири минути од своето деби за младинскиот тим на Ливерпул под 18 години и го одбележал деби-настапот со хет-трик во победата со 4–0 над Блекбурн Роверс У18 во Премиер лигата У18 во август 2016 година. Еден месец подоцна, на својот 17-ти роденден, потпишал професионален договор. Поради повреда, Милар пропуштил три месеци од својата прва сезона во Ливерпул, сепак успеал да се врати и да ја заврши успешно со шест гола во 17 настапи во Премиер лигата У18.
Тој настапил на сите натпревари на Ливерпул во УЕФА Младинската лига 2017-2018, постигнувајќи два гола во осум настапи. По 18 месеци поминати во тимот под 18 години раководен од Стивен Џерард, Милар во јануари 2018 година го добил првиот повик во тимот под 23 години.
Своето сениорско деби за Ливерпул го направил на 4 февруари 2020 година, кога бил стартер во реваншот од четвртото коло на ФА купот против Шрузбери Таун. Милар играл до 82-рата минута, кога бил заменет од Џо Харди. Во средината на 2020 година, Ливерпул одбил повеќе понуди за трансфер на Милар, откако играчот привлекол интерес за позајмица од клубови од Чемпионшип и Бундеслигата.
Позајмиците во Килмарнок и Чарлтон Атлетик На 31 јануари 2019 година, Милар потпишал долгорочен договор со првиот тим на Ливерпул пред да му се приклучи на клубот од шкотскиот Премиершип, Килмарнок, на позајмица до крајот на сезоната 2018-2019. Дебитирал на 1 февруари во поразот со 2-1 од Хартс. Својот прв гол го постигнал на 11 март против Сент Мирен.
Во август 2019 година, тој се вратил во Килмарнок на позајмица до крајот на сезоната, но истата била прекината во јануари 2020 година, кога се вратил во Ливерпул.
На 5 јануари 2021 година, Милар се преселил во Чарлтон Атлетик на позајмица до крајот на сезоната. Својот прв гол за клубот го постигнал на 26 јануари во победата со 1-0 над МК Донс. Во текот на сезоната одиграл 27 натпревари за клубот, и постигнал два гола.
Базел и Престон На 8 јули 2021 година, Милар потпишал четиригодишен договор со Базел, важечки до јуни 2025 година.
Своето деби за новиот клуб, Милар го имал на 25 јули во гостинскиот натпревар добиен со 0-2 против Грасхопер во Суперлигата на Швајцарија, влегувајќи како замена за Валентин Штокер во 72-рата минута. Својот прв гол во дресот на Базел го постигнал на 19 септември, во победата со 3-0 на гости против аматерскиот клуб Роршах-Голдах во втората рунда на Купот на Швајцарија. Својот прв гол во првенството го постигнал две недели подоцна, на 26 септември, во домашниот натпревар на Сент Јакоб Парк, кога Базел победил го победил Цирих со 3-1. На 4 ноември, постигнал гол во УЕФА Лигата на конференции против кипарскиот тим Омонија, во натпревар кој завршил нерешено 1-1. Сезоната ја завршил со вкупно 46 настапи и 10 гола во сите натпреварувања (31 настап и 7 гола во првенството, 3 настапи и 1 гол во купот и 12 настапи и 2 гола во УЕФА Лигата на конференциите).
По одличната прва сезона, во втората неговата ефективност значително се намалила завршувајќи ја со 46 настапи и само еден единствен постигнат гол, уште на почетокот од сезоната на 28 јули 2022 година, во гостинскиот натпревар од УЕФА Лигата на конференциите против северноирскиот клуб Крусејдерс завршен со резултат 1-1.
Во септември 2023 година, Милар отишол на едногодишна позајмица во Престон Норт Енд. Со клубот од Чемпионшип дебитирал на 16 септември против Плимут Аргајл, постигнувајќи го вториот гол во првенствената победа од 2-1 на Дипдејл. На 26 декември, Милар постигнал гол и забележал асистенција во победата од 2-1 над Лидс Јунајтед. Сезоната во дресот на Престон ја завршил со 36 настапи и 5 гола.
Хал Сити На 9 август 2024, Милар потпишал за друг клуб од Чемпионшип, Хал Сити, согласувајќи се на тригодишен договор. Своето деби го направил веќе следниот ден во воведниот натпревар од сезоната 2024-2025 во Чемпионшип, влегувајќи од клупата во ремито 1–1 на домашен терен против Бристол Сити. Својот прв погодок за „тигрите“ го постигнал на 1 октомври, реализирајќи го последниот гол во успехот со 3–1 над Квинс Парк Ренџерс. На 23 октомври, Милар го започнал домашниот натпревар против Барнли, но морал да го напушти теренот по само 13 минути, откако претрпел кинење на врски во предниот вкрстен лигамент (ACL). На 26 октомври, било објавено дека тој ќе отсуствува од терените до крајот на сезоната.
Неговото конечно враќање на терените, после 11 месеци пауза, дошло во натпреварот против неговиот поранешен тим Престон на 30 септември 2025 година, заменувајќи го Амир Хаџиахметовиќ на полувремето од тој натпревар. Канаѓанецот ги одиграл последните 45 минути помагајќи Хал да ја надополни негативата од два гола и да израмни од 0-2 на 2-2 на стадионот МКМ. На 21 октомври, го постигнал првиот гол во победата со 2-1 на домашен терен над Лестер Сити, неговиот прв гол по враќањето од повредата. И покрај постојаните подобрувања во формата и фитнесот, тој доживеал уште еден удар само неколку дена подоцна, кога се здобил со сомневање за истегнување на тетивата во натпреварот против друг од неговите поранешни клубови, Чарлтон, на 25 октомври. Сепак, Милар се опоравил и од оваа повреда на почетокот на декември и од тој момент ги одиграл сите натпревари на Хал во Чемпионшип до крајот на сезоната, помагајќи му на клубот да стигне до плејофот, завршувајќи на шесттото место на табелата. Сезоната ја завршил со 33 настапи во првенството, 3 гола и 5 асистенции. Исто така, Милар настапил и во трите натпревари на Хал Сити во плејофот, вклучувајќи го и финалето во кое „тигрите“ го победиле со 1-0 на Вембли и обезбедиле промоција во Премиер лигата после 10 години.
На 22 август 2026 година, Милар го направил своето деби во Премиер лигата, влегувајќи како замена на местото на Елиот Страуд, во изненадувачката победа со 2-0 над фаворитот Манчестер Јунајтед на отворањето на сезоната.
Репрезентативна кариера Во февруари 2017 година, Милар настапил со канадската репрезентација под 20 години на КОНКАКАФ првенството под 20 години во Костарика. Тој направил три настапи за Канада која била елиминирана уште во групната фаза.
Во мај 2018 година, бил вклучен во составот на репрезентацијата под 21 година за Турнирот во Тулон 2018.
На 24 март 2018 година, го направил своето деби за сениорската репрезентација на Канада, во пријателскиот натпревар добиен со 1–0 во Сан Педро дел Пинатар, Шпанија, против , на кој останал на теренот во текот на сите 90 минути. Со сениорската репрезентација учествувал во квалификациската фаза на КОНКАКАФ Лигата на нации 2019-2020, забеележувајќи 3 настапи.
Во мај 2019 година, бил вклучен во списокот од 23 играчи кои ја претставувале Канада на КОНКАКАФ Голд купот 2019, турнир на кој одиграл два натпревари.
Во ноември 2022 година, бил повикан во составот на Канада за Светското првенство 2022 во Катар. На турнирот забележал еден настап, во воведниот натпревар на Канада против во групната фаза.
Во јуни 2023 година, бил повикан да настапи на својот втор КОНКАКАФ Голд куп во кариерата. Во третиот натпревар од групната фаза на турнирот, Милар го постигнал својот прв гол во дресот со националниот грб во победата со 4-2 над .
Во јуни 2024 година, Милар бил повикан во канадската репрезентација за Копа Америка 2024. Таму ги одиграл сите 6 натпревари за Канада која го освоила четвртото место на турнирот.
Во мај 2026 година, тој се нашол на списокот од 26 играчи повикани за Светското првенство 2026, на кое Канада била еден од домаќините.
Хронологија на репрезентативните настапи
Наводи
Надворешни врски
Лиам Милар на soccerway Лиам Милар на transfermarkt Лиам Милар на espn Лиам Милар на whoscored
Категорија:Живи луѓе Категорија:Канадски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Ливерпул Категорија:Фудбалери на ФК Килмарнок Категорија:Фудбалери на ФК Чарлтон Атлетик Категорија:Фудбалери на ФК Базел Категорија:Фудбалери на ФК Престон Норт Енд Категорија:Фудбалери на ФК Хал Сити