Onobrychis hypargyrea — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Пјер Едмон Боасје. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Onobrychis hypargyrea е повеќегодишно тревесто растение со прилегнати или вертикални стебла, кои достигнуваат височина од 100 см и повеќе. Стеблата се разгранети, со густи, расперени и малку надолу свртени влакна. Листовите се непарно-перести, големи, со 4–7 пара ливчиња; рахисот со многу густи куси и поретки долги расперени влакна; ливчињата долгнавесто-јајцевидни, 2–5 см долги, на врвот обично заокруглени, на горната страна голи, а на долната сиви поради многу густите прилегнати влакна; прилисниците густо влакнести, јајцевидно-копјести, 5–8 мм долги, слободни.
Соцветието е со многу голем број цветови и многу подолго од пазувниот лист, а со развојот на плодовите значително се издолжува; дршката на соцветието покуса од пазувниот лист; брактеите се копјести, околу 8 мм долги, на горната страна голи, а на долната густо влакнести; брактеолите линејни, околу 1 мм долги. Цветовите се крупни. Чашката е околу 8 мм долга, со густи гргурави куси и долги влакна; запците на чашката широко-триаглести, со постепено заострен долг врв, долги колку пехарестиот дел на чашката.
Венчето Е бледо-кремово, белузлаво, бело или жолтеникаво, со црвени жили. Барјачето Е околу 18–20 мм долго и 17 мм широко во горниот дел; крилцата многу мали, околу 4–6 мм долги, а лаѓичката околу 17 мм долга, на врвот тапа и правоаглеста.
Мешунката сЕ коро кружлеста, дисковидно сплескана, 16–18 мм долга и 13–15 мм широка, по површината со густи гргурави куси влакна, со широк крилест целокраен раб со радијални жили; по работ на крилото со ретки куси, криви боцки; површината на дискот без трнчиња или со мали, куси конусовидни трнчиња.
Распространетост во Македонија Onobrychis hypargyrea расте покрај ниви, по меѓи и брдски пасишта во централните делови на Македонија. Се среќава во Скопје над тунелот кај с. Катланово; Велес - Башино Село, с. Градско, с. Уланци, (†) с. Енешово; Св. Николе - с. Делисинци, жел. ст. „Овче Поле“; криволачката страна на планината Серта; Неготино - (†) с. Џидимирци, Слатинска Река, с. Криволак, с. Пепелиште; Кавадарци - Љубаш.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови Категорија:Повеќегодишни растенија