Onobrychis gracilis — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Вилибалд Свиберт Џозев Готлиб фон Бесер.
Подвидови
Onobrychis gracilis bulgarica
Onobrychis gracilis gracilis
Опис Onobrychis gracilis e повеќегодишно тревесто растение, голо или со ретки прилегнати влакна, 40–70 см високо. Гранчињата се придигнати или вертикални, разгранети. Листовите непарно-перести, со 4–9 пара ливчиња; кај базалните листови лисните дршки долги, а кон врвот стануваат сè покуси; рахисот со густи прилегнати влакна; ливчињата копјести до линејно-копјести, 12–15 мм долги и 1–3 мм широки, на врвот заострени и со кус шилест врв, на горната страна голи, а на долната со прилегнати влакна по средната жила и по работ; прилисниците 5–7 мм долги, ципести, голи или со прилегнати влакна, сраснати меѓусебно околу 1 мм, а слободните делови линејно-копјести, со тенки кончести врвови.
Соцветијата се густо цветни, цилиндрични и издолжени, а по прецветувањето дополнително се издолжуваат; дршката на соцветието два или повеќе пати подолга од пазувниот лист; брактеите копјести, заострени, голи, со ретки влакна само по работ, по средината светлокафеави, достигнуваат скоро до основата на запците на чашката; брактеолите линејни, околу 0,5 мм долги, голи и скоро незабележливи.
Чашката гола, со ретки или густи прилегнати влакна, 4–5 мм долга; запците на чашката 2–3 пати подолги од трубестиот дел, кон врвот постепено стеснети и завршуваат со долг шилест врв, а во основата и по работ со влакна. Цветовите розови; барјачето 6–7 мм долго, значително подолго од лаѓичката; крилцата 2–3 мм долги, а лаѓичката 4–5 мм долга.
Мешунката полукружлеста, 4–5 мм долга, дисковидно сплескана, со густи прилегнати влакна, по површината со неправилни вдлабнатини (фовеоли) и со 6–8 куси и јаки трнчиња, додека сплесканиот грбен раб со 4–5 поголеми трнчиња.
Распространетост во Македонија Onobrychis gracilis расте по брдски пасишта, камењари, покрај грмушести растенија и во ретки дабови шуми на надморска височина до 1200 метри. Се среќава во Скопје- с. Петровец, с. Катланово; Скопска Црна Гора (Групче); Таорска Клисура; клисура на р. Пчиња; Св. Николе - с. Делисинци и Богословец; Штип - околината на градот и покрај р. Брегалница; падините на пл. Плачковица; Кочани околината на градот, кај браната „Градче“ и с. Истибања; Делчево с. Киселица и покрај стариот пат за Кочани; Кратово; пл. Серта; Кавадарци - Љубаш, с. Мајден; Прилеп - Плетвар, с. Витолиште (Мариово).
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови Категорија:Повеќегодишни растенија