Onobrychis pindicola — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Хајнрих Карл Хаунснехт.
Опис Onobrychis pindicola е повеќегодишно тревесто растение, 20–30 см високо, од основата разгрането, со многубројни вертикални цветни гранчиња. Стебленцата се округли, голи или со ретки прилегнати бели четинести влакна, со слабо испакнати надолжни ребра во долниот дел. Листовите се непарно-перести, со 4–6 пара ливчиња; лисните дршки и рахисот со 3 надолжни бразди и со прилегнати четинести влакна; прилисниците копјесто-шиловидни, бело-ципести, околу една третина сраснати меѓусебно; ливчињата 7–12 мм долги и 2–3 мм широки, кај долните листови обично јајцевидно-копјести, а кај горните копјести до долгнавесто-копјести, на горната страна голи, а на долната со ретки прилегнати четинести влакна, обично по средната жила.
Соцветието е густо, со збиени цветови, а пред цветањето тенко; дршката на соцветието 2–3 пати подолга од пазувниот лист; брактеите копјести, малку подолги од цветните дршки, ципести, по работ со бели четинести влакна, во основата со триаглеста светлокафеава флека и кафеава средна жила; брактеолите многу мали, линејни и скоро незабележливи.
Чашката е околу 5–8 мм долга; трубестиот дел 1–1,5 мм долг, во долната половина темнокафеав и со ретки влакна, а во горната половина бело-ципест, гол и со долги влакна по работ; запците на чашката 3–4 пати подолги од трубестиот дел, линејни, со долг шилест врв, со расперени бели долги влакна, а кон врвот голи. Венчето е светлорозово; барјачето 6–8 мм долго, подолго од лаѓичката, со погусти линии, а на долната страна со пурпурни точки; крилцата мали, 2–3 мм долги и бели; лаѓичката со тап врв.
Мешунката е скоро кружлеста, околу 5 мм долга, по површината со густи прилегнати куси влакна, со неправилни јамести површини (фовеоли) и со 6–8 мали боцки. По грбниот крилест раб, широк околу 0,5 мм, има 4–6 обично мали триаглести запчиња, а може да се сретнат и долги запци. Со оваа особина видот се приближува до O. lasiostachya. Запците на чашката обично се подолги од мешунката.
Подвидови
Onobrychis pindicola pindicola Onobrychis pindicola urumovii
Распространетост во Македонија Onobrychis pindicola расте по брдски пасишта, варовнички камењари, варовнички лапори и серпентини на надморска височина до 500 метри. Растението се среќава во Скопје - Катлановска Бања; Тетово - с. Рогачево; Куманово - местото „Краста“ кај с. Пчиња и помеѓу с. Доброшане и Орашац; Велес околината на градот, с. Ногаевци, с. Уланци, (†) с. Енешово, (†) с. Мушанци; Св. Николе - с. Делисинци и Богословец; Штип - околината на градот; пл. Серта; Неготино - околината на жел. станица, (†) с. Џидимирци.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови Категорија:Повеќегодишни растенија