Tимјанолистен врболист (науч. Lythrum thymifolia) — едногодишен вид на растение од фамилијата врболистови опишан од Карл Линеј. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Тимјанолистниот врболист е едногодишно растение, обично неразгрането, 5–15 см високо, по површината обично рапаво. Стебленцата се вертикални, поретко полегнати, округлесто-четириаглести, со многу тенки и скоро незабележливи надолжни крила по рабовите. Листовите се наизменични, 5–9 мм долги, 1–2 мм широки, линејни до линејно-копјести, приседнати, на врвот тапо заострени, а кон основата клиновидни. Цветовите се поединечни во пазувите на листовите по должината на гранчињата, мономорфни, 4-члени; брактеолите многу мали и скоро незабележливи. Хипантиумот е 4–6 мм долг, гол, цилиндрично-обратно-конусовиден, а кај развиените плодови цилиндричен и со скоро неизразени надолжни ребра. Деловите на епикаликсот се шиловидни, околу 0,5–1 мм долги, странично расперени. Чашкините ливчиња сеципести, многу мали и широко-триаглести. Венечните ливчиња розови до пурпурни, 1–2 мм долги, обратно-јајцевидни до долгнавесто-обратно-јајцевидни. Прашниците се 2–3, поставени во внатрешноста на хипантиумот. Плодот е цилиндрична кутија, обвиена од хипантиумот.
Распространетост во Македонија Тимјанолистниот врболист расте по влажни места, а во Македонија се среќава единствено во Прилеп кај Селечка Планина кај превојот Слива.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Врболист Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј