Atriplex tatarica е вид растение кое припаѓа на семејството Amaranthaceae. Неговиот автохтон опсег се протега од Средна и западна Централна Азија, Мала Азија, Северна Африка и Источна Европа.
Опис Едногодишно растение, високо до 100 цм. Стеблото полегнато или вертикално, разгрането, мазно, голо. Листовите последователни, долните триаглесто-ромбични, назабени до насечени, во основата стеснети во подолга или покуса дршка. Горните потесни, издолжено-триаглести до линејно-елиптични, често копјевидни, назабени или скоро целокрајни. Долната страна на листовите со сребренест брашнест налеп, а горната сиво-зелена. Цветовите еднополни и дводомни, собрани во врвни, густи, класовидни или метличести соцветија. Женските цветови без перијант, со 2 широко-ромбични или триделни брактеоли, долги до 7 мм, до половината сраснати меѓу себе, мазни или со брадавичести израстоци. Семките кафеаво-црвеникави, голи.
Географска распространетост A. tatarica има широка автохотна распространетост која ги опфаќа Средна Азија, Западна Монголија и Северозападна Кина, па сè до Алтајските Планини на север. Се протега низ Мала Азија, како и низ Северна Африка и Југоисточна Европа. Дури се проширил и во делови од источните Соединети Американски Држави, забележан е во Алабама, Конектикат, Флорида, Масачусетс, Њу Џерси, Пенсилванија и Њу Хемпшир.
Распространетост во Македонија Atriplex tatarica на територијата на Македонија расте по засолени почви и на станишта во близина на засолени почви, по ѓубришта, патишта, селски дворишта и слични други станишта.
Познато за Скопје, Куманово - с. Доброшане, Овче Поле - с. Ерџелија.
Се посочува за Битолско, Прилеп, Струмица, Гевгелија- с. Богданци и с. Стојаково, Валандово, Македонски Брод - Порече.
Живеалиште Во својата родна област на распространетост во Средните и западните делови на Централна Азија и Централна Европа, A. tatarica обично се наоѓа во големи популации во крајбрежните области каде што почвата има високи концентрации на растворливи соли. Има силна толеранција и на хранливите материи и на соленоста, а обично се среќава и во рудерални живеалишта. Тоа е рано сукцесивно растение кое ги населува урбаните средини, покрај патиштата, железниците, депониите и купови ѓубриво. Размножувањето на растението по патиштата може да се припише на неговите семиња покриени со брактеоли кои лесно се лепат на автомобилските гуми.
Наводи
Категорија:Лобода Категорија:Флора на Македонија