Resident Evil 3: Nemesis (македонски: Притаено зло 3: Немезис; во Јапонија позната како Biohazard 3: Last Escape) — компјутерска игра во жанрот ужас за преживување, која претставува продолжение на Resident Evil 2 (1998), развиена и издадена од компанијата Capcom. Првично излегла за играчката конзола PlayStation, а потоа била портувана за подлогите Dreamcast, Microsoft Windows и Nintendo GameCube. Освен тоа, играта е достапна за преземање на мрежното место PlayStation Network за користење на подлогите PlayStation 3, PlayStation Portable и PS Vita. Генерален продуцент, кој го предводел развојот, бил Норитака Фунамизу, кој претходно го раководел развојот на Resident Evil 2 и подоцна ја извршувал оваа улога за продолжението — Resident Evil Code: Veronica (2000).
Првата половина од играта ги прикажува настаните што се случиле 24 часа пред настаните во Resident Evil 2, додека втората половина раскажува за настаните што се случиле два дена подоцна. Играта открива детали за заразителноста на T-вирусот кај жителите на градот Ракун Сити, ја раскажува судбината на некои од преживеаните и завршува во мигот кога градот престанува да постои.
Приказната на Resident Evil 3: Nemesis послужила како основа за играниот филм Притаено зло: Апокалипса, излезен на киноплатната во 2004 г.
На 3 април 2020 г. била објавена преработка на изворната игра.
Играчки процес left|thumb|Играчот, управувајќи со Џил Валентајн, избегнува зомби. Како и претходниците, Nemesis содржи 3D-модели врз предходно рендерирани заднини со фиксни агли на камерата.
Resident Evil 3: Nemesis е игра во жанрот ужас за преживување. Играчот ја управува Џил Валентајн од гледиште на трето лице за да оствари заемодејство со околината и непријателите. Играчот презема управување врз друг лик за краток дел од играта. За да напредува, играчот истражува град додека избегнува, надмудрува и ги победува непријателите. Играчот може да стапи во заемодејство со околината на неколку начини, како што е отворање врати, туркање предмети или качување преку пречки. Низ целиот град се распоредени оружја, стреливо и други предмети, кои можат да се соберат и да се стават во инвентарот на играчот. Предметите можат да се разгледуваат, користат или комбинираат со други. Инвентарот е ограничен на одреден број места, и играчот често мора да преместува предмети од инвентарот во ковчег за складирање што се наоѓа во специјални простории за да управува со просторот.
Играчот може да користи различни огнени оружја за да ги победи непријателите, почнувајќи од пиштоли па сè до ракетен фрлач. Освен непријателите, делови од околината, како што се избувливите буриња, можат да се застрелаат, предизвикувајќи нивно избувнување и оштетување на блиските непријатели. Играта исто така воведува способност за играчите да избегнуваат напади или да изведат брзо вртење за 180 степени за да ги одбегнат непријателите.IGN PlayStation Review for Resident Evil 3 Играчот има одредена количина здравје што се намалува кога е нападнат од непријатели. Здравјето се враќа со спрејови за прва помош, како и со лековити билки, кои можат да се користат засебно или да се мешаат заедно за да се зголеми нивното лековито дејство. Играчите можат да создаваат ново стреливо од различни видови барут. Покрај учеството во борби, играчот често мора да решава загатки што се фокусираат на логички и концептуални предизвици.
За време на одредени ситуации, играчот ќе биде ставен во опасна положба, каде што ќе биде поттикнат да избира меѓу две можни дејства или да претрпи одредена казна, ако не и миговна смрт. Овие избори влијаат врз тоа како се одвива приказната и кој крај ќе се постигне. Дополнително, суштество наречено Немезис се среќава повеќепати како главен противник (бос). Немезис е значително посилен од играчот и има способност да користи ракетен фрлач, да избегнува оган и да го брка играчот од една област во друга. За време на една од овие средби, играчот може да избере или да се бори со Немезис или да бега додека не го избегне. Можни се различни средби, при што некои се задолжителни, а некои се разликуваат по природа и местоположба врз основа на одредени избори што ги направил играчот. Дури и ако е избегнат или победен за време на една од овие средби, Немезис неизбежно ќе продолжи да го брка играчот.
Откако играчот ќе ја заврши играта, се отклучува режим наречен The Mercenaries - Operation: Mad Jackal. Во овој режим, играчот мора да управува со платеници што Џил ги среќава за време на главната игра и да трча од едната страна на градот до другата во рамките на ограничено време и ресурси. Меѓутоа, почетното дадено време е недоволно за непосредно извршување на оваа задача, па играчот мора постојано да добива продолжување на времето со извршување одредени дејства, како што се победување непријатели, спасување граѓани и истражување скриени области. Во зависност од добиениот ранг и избраната тежина, завршувањето на главната игра може да отклучи алтернативни костими за Џил и епилошки записи што ги детализираат активностите на различните ликови. Режимот „Платеници“ и алтернативните костими за Џил не треба да се отклучуваат во верзиите за Windows и Dreamcast.GameSpot PC Review for Resident Evil 3GameSpot Dreamcast Review for Resident Evil 3
Приказна
Настаните во играта започнуваат на 28 септември 1998 г. и завршуваат на 1 октомври 1998 г. Главниот лик, членката на полицискиот одред „Специјална тактичка и спасувачка служба“ (S.T.A.R.S.), Џил Валентајн, се обидува да го напушти градот Ракун Сити, кој е зафатен од пожари и преплавен со зомбија. Џил се упатува кон местото на својата поранешна работа — полициската управа — и таму го среќава својот колега, пилотот на S.T.A.R.S. Бред Викерс. Пред нејзини очи, Викерс загинува од рацете на страшното чудовиште Немезис, творба на корпорацијата „Амбрела“. Во „Амбрела“ веруваат дека полицајците од S.T.A.R.S. ја знаат вистината за дејноста на корпорацијата во Арклејските Планини, па за да ги отстранат сведоците, „Амбрела“ го испратила мутантското чудовиште Немезис. Потоа Џил ги среќава војниците од службата за противдејство на биолошки зарази на корпорацијата (U.B.C.S.) — Карлос Оливера, Михаил Виктор и Николај Зиновјев. Заедно со нив, Џил го напушта опасниот реон со трамвај; по пат Николај исчезнува, Михаил се жртвува за останатите, а Џил и Карлос доживуваат несреќа. Трамвајот се крши, а јунаците се разделуваат.
Џил и Карлос се наоѓаат еден со друг во закажаната точка за евакуација — црквата. Џил му дава сигнал на вртолетот удирајќи во камбаните, но Немезис го уништува пристигнатиот вртолет и ја напаѓа Џил. Таа извојува привремена победа над него, меѓутоа Немезис успева да ја зарази со вирус. Искршена и ослабена, без свест, Џил е пронајдена од Карлос. Тој ја пренесува на безбедно место во црквата, а сам се упатува кон болницата што се наоѓа во близина во потрага по вакцина. Точно во тој момент започнуваат настаните од играта Resident Evil 2 — Леон Скот Кенеди и Клер Редфилд пристигнуваат во градот.
Во болницата Карлос го среќава Николај. Николај му ја открива својот тајна: всушност, тој е надгледник на корпорацијата, а неговата задача е да собере информации за способноста на војниците да се спротивстават на биолошкото оружје. Во болницата се крие и ранетиот војник на U.B.C.S. Тајрел Патрик, кој се разнесува себеси заедно со предавникот Николај. Меѓутоа, Николај успева во последниот миг да скокне низ прозорец. Тој ја минира зградата на болницата, но Карлос ја наоѓа вакцината и успева да ја напушти зградата пред таа да избувне. Неповреден, тој се враќа во црквата кај Џил. Откако ѝ пружа помош, ја предупредува Џил за предавникот и заминува по свои задачи. Џил, во потрага по излез од градот, заталкува во паркот, каде што наоѓа чуварска куќичка со тајно упориште на Николај. Тука таа дознава за плановите на корпорацијата во врска со Ракун Сити. Се појавува самиот Николај, кој ѝ раскажува на Џил за својата мисија. Николај се обидува да ја убие Џил, но таа успева да се извлече. Меѓутоа, ја чека сериозен предизвик: гигантски црв со кој мора да се бори.
Откако се наоѓа во напуштената фабрика на корпорацијата „Амбрела“, Џил повторно го среќава Карлос, кој ѝ раскажува дека градот наскоро ќе биде уништен со јадрен удар од воздух по наредба на владата на САД, бидејќи преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот се покажале како залудни. Јунаците се разделуваат за да најдат излез, а Џил повторно го среќава Николај. Николај со задоволство ѝ раскажува дека тој лично ги убил другите надгледници и дека сега го чека огромна награда за собраните податоци за Т-вирусот. Но тука Николај или загинува од рацете на Немезис, или го краде вртолетот (при што има 2 варијанти: или тој ќе биде соборен, или едноставно ќе одлета). Во тој момент се вклучува безбедносниот систем за предупредување дека се приближува ракета со јадрена боева глава и кадарот има само петнаесет минути за евакуација. Џил мора да се бори со мутираниот облик на Немезис, при што овој пат чудовиштето е уништено со истрел од електромагнетен топ, по што Џил може да го дотепа Немезис или да го остави да умре. Во зависност од претходно донесените одлуки, Џил одлетува со вртолет заедно со Карлос или ги зема Бари Бертон (еден од јунаците од првиот дел во сценариото на Џил). Јадреното избувнување го уништува градот.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Игри од Resident Evil Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за PlayStation Категорија:Игри за GameCube Категорија:Ужаси за преживување Категорија:Игри за Dreamcast