мини|Георг Јани. „Пештерата на змејот“ (1917) Темна фантастика () — поджанр на уметнички дела што вклучува елементи на ужас и готска книжевност, чие дејство се одвива во средина на традиционална фантастика.
Историја на поимот Изразот Dark Fantasy првпат се појавил во 1973 г. како назив на мало фанзин-списание. Во почетокот на 1980-тите, поимот почнале да го користат американските издавачи за привлекување публика. Во 1987 г., Џек Вилијамсон ја издвоил темната фантастика како посебен вид мистична книжевност. Во јуни 1991 г., критичарката на списанието Locus, Фарен Милер, го определила овој жанр како приказна со елементи на ужас и готска книжевност, чие дејство се одвива во средина на традиционална фантастика.
Определба и особености на жанрот Според статијата на Џон Клут во The Encyclopedia of Fantasy (1997), темната фантастика е приказна што вклучува чувство на ужас, но притоа е со сигурност фантастика, а не мистика (дело за натприродното, supernatural fiction). Клут ја раздвојува фантастиката од мистиката според улогата што фантастичниот елемент ја игра во однос на измислената стварност во делото: ако во мистичните дела тој е всушност натприродно, екстраординарно нарушување на законите на светот, во жанрот фантастика фантастичната компонента е природна составница на светот — или дејството се случува во друг свет, одделен од реалниот и произволно фантастичен, или, барем, фантастичниот елемент е прикажан како нешто природно што има целосно право на автономно постоење.
Така, од гледна точка на Клут, во темната фантастика не спаѓаат повеќето приказни за вампири, врколаци, привиденија, сатанизам и окултизам, иако тие можат да содржат елементи на темна фантастика, и обратно. Кон темната фантастика може да се припишат и дела од жанрот фантастика во кои злото веќе победило и владее со светот, на пример, серијалот „Хрониките на Томас Ковенант“ (1977 — 2013) од Стивен Доналдсон. Исто така, кон темната фантастика се вбројуваат и приказни за судир на светови, во кои во еден свет навлегуваат чудовишни суштества од друг свет. Темната фантастика во многу нешта е блиска до жанрот „умирачка Земја“, како на пример серијалот „Зотика“ (1932 — 1953) од Кларк Ештон Смит.
Според статијата „Темна фантастика“ (2005) на Борис Невски во списанието „Мир фантастики“, кон темната фантастика денес се вбројуваат три групи дела: традиционална фантастика со „темен“ тон; подвид на мистични ужаси; и фантастика напишана во особено мрачен стил.
Традиционалната темна фантастика е изградена според класичните канони на фантастиката, но за разлика од класичната, каде основата на заплетот е борбата меѓу Доброто и Злото, во темната фантастика Злото веќе победило и неговите пројави се доживуваат како секојдневие. Настаните во темната фантастика се одвиваат во суров, жесток и мрачен свет, каде што јунаците, во поголемиот број случаи, се најмалку двосмислени од морална гледна точка и се борат само за светот конечно да не стане пекол. Честа идеја на жанрот е спротивставувањето на „малото“ добро и „големото“ Зло.
Темната фантастика неретко се нарекува и книжевност за натприродното што му припаѓа на жанрот ужас. Границата меѓу темната фантастика и готските ужаси е крајно тенка. За да ги разграничат, критичарите забележуваат дека мистичната темна фантастика не го плаши читателот, туку создава впечаток на страв што веќе поминал. Тоа значи дека овие книги се пред сѐ фантастика, а не расказ за натприроден ужас.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Жанрови на фантастика Категорија:Хорор Категорија:Жанрови на ужасот