Разгранет здравец () — вид едногодишно тревесто растение од семејството здравци. Неговиот природен опсег се протега од Европа до Југозападен Сибир и Западните Хималаи.
Опис
Општи одлики и стебло Разгранетиот здравец е едногодишно растение, високо од 30 до 60 см, разгрането. Семките му се сивокафеави и мазни.
Стеблото му е нежно, круговито, поставено вертикално или придигнато и честопати потпрено на други грмушести растенија. По површината е покриено со ретки расперени влакна, како и со густи, куси прости и жлездести влакна.
Листови Листовите обично се наспрамни, со сивозелена боја, а од двете страни се покриени со прилегнати влакна. На изглед се петаглести и околу 3/4 се пересто-насечени на 5 дела. Најгорните листови се насечени на 3 ромбични дела. Деловите на самите листови се повторно плитко насечени во назабени сегменти, чии запци имаат заокруглени врвови. Лисните дршки на базалните (кореновите) листови се многу подолги од широчината на ламината (лиската), додека кај горните стеблени листови дршката е покуса од ламината. Лисните дршки, исто како и стеблото, се покриени со расперени долги и прости влакна, густи куси влакна и жлездести влакна. Прилисниците се копјести, со зеленикаво-розова боја, со густи куси влакна на грбната страна и со долги влакна по работ.
Соцветие и цвет Соцветието е дифузно. Цветовите се распоредени по 2 на долги цветни дршки и имаат една заедничка дршка. Дршките на соцветието и на самите цветови обично се подолги од пазувниот лист. Овие дршки, исто како и стеблото, се покриени со густи, куси, прости и жлездести влакна, надополнети со ретки, долги и расперени влакна. На самата граница помеѓу цветните дршки и дршката на соцветието се наоѓаат 4 линејни и заострени влакнести прицветници, кои имаат долги влакна на врвот.
Чашка и венче Чашката е зелена, со чашкини ливчиња кои се копјести до јајцевидно-копјести и долги 5 до 6 мм. На врвот се издолжени во едно шилесто продолжение и имаат 3 жили. По работ, а обично и по средната жила, се покриени со полурасперени, речиси четинести влакна, а покрај нив има и куси жлездести влакна. Венчето е розово, со обратно-јајцевидни венчени ливчиња кои се малку подолги од чашката или се со еднаква должина како неа. На врвот се плитко всечени, а во основата се влакнести по работ од двете страни.
Прашници и плод Прашниците се покуси од чашката, а филаментите се влакнести во својата основа. Плодните делови се влакнести и карактеристично покриени со хоризонтални брчки. Клунестиот дел на самиот плод е покриен со куси четинести влакна.
Живеалиште Разгранетиот здравец зафаќа соодветни живеалишта од низини до планински подножја. Расте на суви падини, во лозја, во грмушки, на необработени површини, покрај патишта и во пустелии. Погодно е за топли, влажни, хранливи, алкални и глинести почви.
Распространетост Природната распространетост на разгранетиот здравец се протега од Европа до Југозападен Сибир и преку Турција, Северен Кавказ, Иран и Авганистан до кинескиот Шјинџјианг и Западните Хималаи. Во Европа го нема во Португалија, Белгија, Холандија, Данска, Британските Острови, Норвешка и Финска.
Македонија Во Македонија овој вид е со многу ограничена распространетост и е познат единствено за Битола – село Лопатица.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Здравец Категорија:Ендемска флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Азија